Шпанија ги затвори ноќните клубови, го ограничи работењето на кафулињата и забрани пушење

од Vladimir Zorba

Шпанија ги затвори дискотеките и ноќните клубови, ги ограничи работните часови на рестораните и кафулињата и го забрани пушењето на улиците по значително зголемување на бројот на луѓе кои страдаат од коронавирус.

Скоро 3.000 жители се заразиле за еден ден во четвртокот, најмногу од крајот на април, па владата свика итен состанок еден ден подоцна со претставници на 17 автономни провинции за заеднички да го запрат ширењето на вирусот.

Тие едногласно решија да ги затворат ноќните клубови низ Шпанија, и покрај туристичката сезона, истакнувајќи дека ваквите места се главен генератор на појава на вирусот.

Забрането е пушење на улиците, терасите и на сите отворени места каде не може да се гарантира растојание од два метра помеѓу луѓето.

Оваа мерка веќе ја воведоа провинциите Галиција и Канарските острови.

Пушењето во затворено е забрането во Шпанија дури и пред појавата на коронавирус.

Рестораните и кафулињата ќе бидат отворени до 1 часот наутро, но од полноќ веќе нема да им биде дозволено да примаат гости. Внатре, ќе мора да има оддалеченост од минимум 1,5 метри помеѓу посетителите во барот, како и помеѓу масите.

„Веруваме дека воведените мерки се правилни. Ги замолив сите регионални влади да ги користат сите средства за да бидат во согласност со нив“, рече шпанскиот министер за здравство Салвадор Иља на прес-конференција.

„Ние нема да толерираме дивјачко однесување на оние што го загрозуваат сè што постигнавме досега“, додаде тој.

Тој ја поздрави дисциплината на постарите лица и ги повика младите да се однесуваат одговорно.

Министерот ги советува жителите да ги избегнуваат сите непотребни состаноци и дружење.

Во Шпанија, дозволени се состаноци на најмногу десет лица, а задолжително е носењето маски.

Откако владата ја укина вонредната состојба на 21 јуни, секоја од 17-те автономни провинции е одговорна за воведување на свои мерки за спречување на ширењето на вирусот.

Од средината на јуни, откако 47 милиони жители ги напуштија своите домови, по сто дена ограничено движење, вирусот повторно еруптираше во сите делови на Шпанија. Во моментов има повеќе од 800 жаришта во земјата.

„Бројот на нови случаи расте, но малку е ако ја споредиме ситуацијата со таа во март“, рече првиот човек на медицинската служба, Фернандо Симон.

Од почетокот на пандемијата, заразени се 337.334 жители, од кои 28.605 починале.

Слични содржини