Шпанија: Не го менуваме ставот за независноста на Косово

од Vladimir Zorba

Министерството за надворешни работи на Шпанија објави дека, според сегашната состојба, таа земја нема причина да го менува својот став по прашањето за признавање на независноста на Косово, пренесува приштинскиот портал „Лајми“.

„Би сакале да ве информираме дека според сегашната ситуација, Шпанија нема причина да ја менува својата позиција, што е целосно во согласност со меѓународното право“, изјави шпанскoто МНР за порталот.

Тие посочуваат дека нивниот однос кон независноста на Косово не е неправеден, туку напротив, дека е целосно во согласност со меѓународното право.

На прашањето дали со договорот меѓу Косово и Србија ќе се отвори можноста шпанските државни органи да ја признаат независноста на Косово, тие не одговараат конкретно, но велат дека го поддржуваат дијалогот.

„Ние ќе продолжиме да го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина насочен кон постигнување сеопфатен политички договор за конечниот статус на територијата на Косово“, се вели во одговорот на МНР на Шпанија.

Земјата не ја признава независноста на Косово затоа што смета дека е еднострана и спротивна на меѓународното право. Друга силна причина зошто Шпанија не го признава Косово е затоа што гледа исто сценарио за Каталонија.

Според извештаите на странски медиуми и други земји во Европската унија кои не го признаваат Косово, Шпанија ќе го следи примерот на признавање на Косово по постигнувањето договор со Србија, според Лајми.

Од друга страна, непризнавањето од овие пет земји-членки на ЕУ го попречуваше Косово во процесот на интеграција и во неговите обиди да добие членство во странски организации.

Грција, Шпанија, Кипар, Романија и Словачка се членки на Европската унија кои не ја признаа независноста на Косово.

Слични содржини