Шпанија повторно има голем скок во бројот на заразени, се разгледуваат построги мерки

од Vladimir Zorba

Здравствената состојба во Шпанија значително се влоши последниве денови со експлозија на бројот на инфекции кај младите, а овој скок ги принудува властите да размислат за засилување на мерките додека се забрзува вакцинацијата.

„Дневните податоци воопшто не се добри“, коментира вечерва Фернандо Симон, главен епидемиолог на Министерството за здравство, објаснувајќи дека податоците се многу различни во различни возрасни групи и дека стапката на инциденца кај младите е близу 600.

Стапката на инциденца надмина 200 (204 на 100.000 жители во последните две недели) на просек од 152,8 во петокот, кога беа објавени најновите податоци.

Шпанското Министерство за здравство објави дека имало 32.607 новозаразении во последните 72 часа и дека починале 23 лица. Епидемиологот Симон ја оцени ситуацијата како сложена, но исто така додаде дека тоа не се рефлектира на бројот на хоспитализации или смртни случаи.

Во исто време, кампањата за вакцинација се забрзува – 40,3 проценти од населението од околу 47 милиони Шпанци е целосно вакцинирано, додека половина (55,9 проценти) примиле единечна доза од вакцината. Поради влошената состојба, неколку региони, вклучително и Андалузија и Каталонија, размислуваат за заострување на ограничувањата оваа недела, откако маските на отворено не се задолжителни од 26 јуни.

Голема епидемија беше откриена на Балеарските острови минатата недела кога 1824 заразени се вратиле на полуостровот по забава во Мајорка. Околу 6.000 луѓе низ Шпанија беа ставени во карантин.

Со 81 000 смртни случаи и над 3,8 милиони заразени, Шпанија е една од најпогодените земји во Европа од пандемијата.

Слични содржини