Шпанија става цели квартови на Мадрид во карантин

од Vladimir Zorba

Шпанија воведува рестриктивни мерки поради зголеменото ширење на коронавирусот. Полицијата од понеделник ќе ги контролира излезите и влезовите на жителите во некои делови на Мадрид и околината, чија активност ќе биде присилно ограничена со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Регионалната влада на Мадрид објави специјални мерки во петокот во 26 области на самиот град и во 11 предградија, главно на југот и југоистокот, каде што традиционално живеат посиромашни граѓани и мигранти.

Жителите фатени како ја прекршуваат одредбата ќе бидат казнети со 600 евра, а финансиските санкции може да достигнат до 600.000 евра, што главно се однесува на деловни објекти. Забрането е напуштање на тие делови од градот, но и влегување во нив во следните 14 дена.

Преминувањето ќе биде дозволено само на луѓето кои треба да одат на работа (и не можат да го сторат тоа од дома), на оние кои се на пат кон здравствени центри и болници, банки, училишта и образовни институции, како и на оние кои одат да се грижат за зависни лица.

Рестораните и кафулињата мораат да го намалат капацитетот за 50 проценти и не смеат да служат во барот, а двојно помалку луѓе ќе примаат продавниците, автошколите, спортските центри и хотели. Парковите ќе бидат затворени.

„Ова е потребно за да не мора да прогласиме вонредна состојба и да воведеме карантин (за целата провинција Мадрид). Тоа би значело економска катастрофа“, рече на прес-конференција Изабел Дијас Ајузо, претседател на провинцијата Мадрид.

„Инфекцијата се шири на собири во семејната средина и меѓу пријателите“, додаде таа.

Во петокот вечерта, околу 200 демонстранти против мерките се собраа на главниот плоштад во Мадрид, Пуерта дел Сол, тврдејќи како врз нив се спроведува сегрегација ги и стигматизираат жителите на тие населби.

Слични содржини