„Шпигел“: НАТО ги засилува трупите во Бугарија и Романија, како одговор на Путин

од Nikola Popovski

Американците наводно предлагаат НАТО да испрати 1.500 војници во две балкански земји како одговор на акумулацијата на руски војници на украинската граница. Но, потфатот носи големи политички ризици, пишува германски „Шпигел“.

Американскиот генерал Тод Д. Волтерс, задолжен за сојузничките сили во Европа, неодамна им предложил на своите колеги од НАТО зголемено присуство на војници во Бугарија и Романија, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на извори од еден состанок, пренесува ДВ.

Според наводите, Волтерс би сакал силите на таканареченото „Enhanced Forward Presence“ (ЕФП), формирани пред пет години, да бидат и во две балкански земји. Ваквите контингенти на НАТО се наоѓаат во Полска и балтичките земји, каде што вршат маневри со локалните армии. Во случај на конфликт, идејата е тие војници да бидат на фронтот додека не пристигне засилувањето.

Волтерс, наводно, предложил формирање слични контингенти од по 1.500 војници во Бугарија и Романија.

НАТО го оправда воведувањето на единиците на ЕФП со анексија на Крим, па и сега заговорниците мислат дека засилувањето би било соодветен одговор на руските воени маневри во близина на украинската граница.

„Шпигел“ го цитира Волтерс дека НАТО ќе продолжи да се придржува до договорот со Русија, кој забранува постојано стационирање на силни трупи на источното крило на НАТО. Поради таа причина, во балтичките земји нема постојани трупи, туку ротираат војници.

Од седиштето на НАТО не ги потврдија ниту ги демантираат наводите на германските медиуми. Портпаролката рече дека алијансата останува „будна“ и дека ќе ги преземе „сите неопходни чекори“ за да ги заштити членките на НАТО од каква било закана.

„Воздржаноста е разбирлива. Сите земји на НАТО се свесни за политичката експлозивност на овој предлог“, оценува „Шпигел“.

Се потсетува дека рускиот претседател Владимир Путин најави преговори со САД со цел да се реши конфликтот. Барањето на Москва е НАТО да не распореди дополнителни војници во правец на Русија.

Според германскиот неделник, генералот Волтерс на споменатата средба известил дека Русија, откако собрала речиси сто илјади војници на границата со Украина, може да маршира до соседната земја и да остане таму.

„Шпигел“ заклучува дека американскиот предлог може да биде проблематичен за новата коалициска влада во Германија. Зелените, кои се дел од владата, „веќе се покажаа неверојатно отворени за идејата за зајакнување на трупите на источното крило“, пишува „Шпигел“. Но, социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц би можеле да бидат повоздржани во врска со ова прашање, бидејќи многу странци го гледаат испраќањето војници на исток како непотребна провокација од Русија.

Слични содржини