Што да очекуваме од Славески на чело на НБ: „Професорот треба да биде кочничар на економските политики ако имаме занесеност на централната власт“

Славески на местото на Ангеловска Бежоска: Дали професорот ќе потпадне на владините притисоци?

од Nikola Popovski
231 прегледи

Пратениците се очекува на трети јуни да се поизјаснат дали го поддржуваат предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Трајко Славески да биде идниот гувернер на Народната банка. Изборот бил тежок со оглед докажаниот квалитет на тројцата кандидати, рече претседателката. Клучни при носењето на одлуката биле стручноста, компетентноста, дигнитетот и интегритетот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателката Давкова, потврди лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски. Опозицијата со негодување и остри критики велат дека нема да го поддржат предлогот. Според нив со изборот на Славески ќе се погреба и последната независна институција. Предлогот нема да го поддржи ниту Левица.

Каков ќе биде новиот предводник на Народната банка?

Економскиот аналитичар, Абил Бауш смета дека професорот Славески е вистински познавач на макроекономските политики. Според него, ако се гледа фелата на макроекономисти во државата, тој е еден од најдобрите, без разлика што во одредени моменти се претставува како член на политичка партија.

-Професорот Славески е реализирана и комплетирана личност која би можела да биде на вистинското место. Дали ќе донесе еден вид на промени во монетарната политика – ќе треба да видиме. Скептичен сум затоа што од осамостјувањето на државата водиме една монетарна политика и немало некои значајни промени, вели Бауш во разговор за „Локално“.

Абил Бауш

Запрашан каде беа најголемите слабости на се уште актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, односно причините кои не ѝ донесоа нов мандат, аналитичарот оценува дека субјективноста е како таа не припаѓаше на ниту една партија, а барем така и се однесуваше. За Бауш, Ангеловска Бежоска беше еден вид на технократски вршител на должноста која пред се доаѓаше од внатрешната фела и банкарскиот систем.

-Видовме нејзина коректност за време на кризите и со инфлацијата и во целиот период. Бежоска се покажа како личност која не потпаѓаше на влијание или не направи некои потези со кои ќе ја загрози монетарната политика на државата. Гувернерката коректно ја вршеше функцијата и ја задржа неутралноста на Народната банка. Како и нејзините претходници, не направи вид на некои реформи и нови политики, но, сепак без никакви афери или слабости ја изршуваше работата. Не знам зошто повторно не беше избрана. Имам позитивно мислење за неа. Најверојатно останува во Банката како вработена, наведува соговорникот.

Околу најголемиот предизвик со кој би се соочил Славески во мандатот, Бауш истакнува дека во моментов имаме Влада на која што нема препознатлива макроекономска политика и за волја за вистината, вели, мислам дека ќе беше идеално доколку професорот Славески беше назначен за министер за финансии затоа што убаво ја знае макроекономската политика на државата и ја извршуваше работата во многу мандати.

-Владата во еден момент изгуби макроекономист – ако ја погледнете поставата, нема ниту еден макроекономист. Дали ова ќе биде баланс со тоа што Славески ќе биде гувернер и Владата ќе најде еден креатор на макроекономската политика меѓу неа и Народната банка, тоа треба да се види. Ќе видиме колку ќе му дадат простор на професорот и тоа славното „секој петок да го пијат утринското кафе“ со министерката за финансии и да разговараат за сите проблеми. Таа култура треба да се вметне во нашето општество. Многу се врзани МФ и политиката на НБ. Треба да се најде еден баланс. Тука ја гледам работата зошто е поставен Славески. Секојдневно слушаме дека ќе добиеме заеми и кредити и човек како професорот Славески треба да биде еден вид кочничар односно коректор на тие политики ако имаме занесеност на централната власт. Така го замислувам како вистински професионалец – не само да биде гувернер, но и еден советодавец на централната власт. Познавајќи го Славески, знам дека нема да биде личност која би потпаднала на секојдневните политики. Тоа сакам да го видам кај него, заклучува економскиот аналитичар.

Трајко Славески е професор по макроекономија и државна регулација на Економскиот факултет. Беше министер за развој, координатор на Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и министер за финансии кој учествуваше во спроведување на реформите во даночниот и финансискиот систем. Во моментов е претседател на Совет на Град Скопје.

Седумгодишниот мандат на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска истече, но таа останува на функцијата до изборот на нејзиниот наследник.

Н.П.

Слични содржини