Што е ковид – возраст?

од Stefanija Kuzmanovska

Деновиве е актуелно враќањето на дел од работниците на работните места. За да се даде одговор на прашањата кои работни места се со висок, а кои со среден или низок ризик, од Македонското здружение за заштита при работа, сугерираат воведување на првата и засега единствена изработена, методологија за индивидуална проценка на медицинската чувствителност на работниците од различни дејности кои се враќаат на работните места.

Методологијата е изработена од страна на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) кое во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) интензивно работи на основање на центарот на знаење Епи Ковид-19 БЗР центар.

За таа цел, се предлага утврдување на т.н. ковид-возраст, како практична алатка за предвидување на медицинската вулнерабилност или чувствителност на работниците и проценка на очекуваната тежина на клиничката слика на Кoвид-19 или појава на смрт, што зависи пред сè од актуелните коморбидитетни состојби, односно постоење на други претходни заболувања кај професионално експонираните лица, што не се во врска со Ковид-19.

Што е ковид-возраст?

Ковид-возраст е едноставна алатка којашто овозможува проценка на индивидуалната медицинска/клиничка вулнерабилност (чувствителност/ранливост) на секој поединец за развој на болеста Ковид-19. Алатката е базирана на публикувани медицински докази за главните ризик фактори и нивното влијание врз очекуваната тежина на клиничката слика и исходот на болеста. Како основа за оваа алатката е земена биолошката возраст на пациентите / работниците, од причина што досегашните докази укажуваат дека токму таа e најголем ризик фактор за смрт од Ковид-19.

За да се пресмета ковид-возраста, се зема актуелната (биолошка) возраст на работникот и на неа се додаваат дополнителните години што се специфични за секој поединечен медицински фактор на ризик.

Ковид-возраста ги сумира сите фактори што влијаат на очекуваниот исход на болеста, вклучувајќи ги возраста, полот и различните здравствени проблеми кои ги има лицето за кое се однесува проценката. Функционира на принципот на “превод“ на поединечниот здравствен ризик фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. На овој начин се добива “очекуван збир на години“ според кои понатаму се проценува ризикот дека едно лице ќе заболи и каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.

Ковид-возраста како алатка може и треба да се користи во медицината на труд при давањето на мислење за работна способност и можноста на работникот да продолжи да работи и/или да се врати на своето работно место.

Целосната методологија е детално разработена во публикацијата издадена од страна на МЗЗПР насловена Проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс-Ков-2 вирусот.

loading...

Слични содржини