Што го натера Орбан да преземе толкав ризик со Груевски?

од desk2

Груевски повторно е во центарот на вниманието. Неговото бегство покрена лавина реконструкции, со или без наводници, од супер добро информирани автори или оние што имаат само полуинформации, дезинформации или насоки да ја дезинформираат јавноста. Меѓу медиумите се води жесток, беспоштеден натпревар да дојдат до што е можно поширока публика, да дознаат што е можно повеќе детали за тајната операција за „екстракција“ на Црни Грујо од „прегратките“ на правдата.

Пишува: Џабир Дерала

Ако и не можат да дојдат до точни информации, секогаш на располагање им се и други средства за привлекување на публиката. Не е Колумбо оној што ќе констатира дека шпекулациите најчесто изгледаат поверојатно од фактите, а теориите на заговор ја будат фантазијата и полесно се задржуваат во сеќавањето, без оглед на тоа дали и колку има вистина во нив.

Во сиот овој циркус со Црни Грујо, се соголија многуте слабости на системот и тоа не само на нашиот, туку и многу пошироко. Некои оски на подземна соработка станаа многу поочигледни, а тестот не го положија ни поголем дел од медиумите на кои повеќе им значи да привлечат публика, отколку било што друго.

Од овој шпионско-авантуристички филм што ни го прикажаа високоорганизираните структури на меѓународното политичко подземје, несомнено, голема корист веќе извлекуваат групи и поединци од слободните медиуми, активистите за човекови права и опозицијата во Унгарија. Како што ќе се разобличуваат различни аспекти на овој меѓународен скандал, во кој Груевски сѐ повеќе изгледа како спореден, а не главен актер, нема да биде чудно да се охрабри отпорот и во други земји каде што владеат автократи.

Што го натера Орбан и тајните служби под негова контрола да преземат толку сериозна и деликатна операција за извлекување на Груевски од Македонија? Орбан става многу нешта на коцка со оваа постапка. Унгарските служби ангажираат дипломатско-шпионска мрежа што, очигледно, добро функционира низ сите земји на потегот од Скопје до Будимпешта, веројатно и пошироко и со повеќе краци.

Унгарија грубо ја злоупотребува дипломатската служба за да му помогне на еден правосилно осуден лик на чиј грб се и низа други обвиненија и истраги за тешки дела. За „најлесното“ од сите дела има упатен акт за отслужување на затворска казна од две години, а другите сигурно ќе му донесат, сѐ заедно, двоцифрена бројка од затворски години.

Значи, што можеше да го натера Орбан да го стави во погон овој механизам и притоа да ги прекрши одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година?

Дали унгарската јавност знае на каков човек му е овозможено бегство од правдата што македонските граѓанки и граѓани толку долго ја очекуваат?

Дали можеби Груевски знае нешто па подземјето било принудено да му го овозможи бегството или… можеби бил принуден да ја напушти земјата, како што јавно праша премиерот Зоран Заев на официјална прес конференција?

И сега се надоврзуваат низа други прашања што може да ги одведат размислувањата во опасната сфера на шпекулациите. Па, така, човек можеби ќе се запраша и врз фактот дека шишето со над 700.000 евра во кеш на Срѓан Керим беше пресретнато токму од унгарските власти.

Уште повеќе, случајот „Шпион“ што го покрена Сваровски судството под контрола на Фамилијата ја имплицираше Унгарија, како дестинација каде што „патувале“ информации од чувствителен карактер.

Некои велат дека тоа не биле државни тајни, туку снимки што ја докажувале моралната „разиграност“ на челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ. Некои велат дека во тие материјали имало и сериозни државни тајни. Дали завршиле во Унгарија или не само во Унгарија, сега станува прилично важно.

Сето тоа и многу други прашања се поврзуваат со тоа дали Груевски, всушност, носи клучеви за тајните на моќни структури кои сега се принудени да преземат толкав ризик, па и да го „спасуваат“ (или киднапираат) од македонската правда.

За моралниот профил на Груевски, неговото кукавичко бегство и оставање на цедило на довчерашните верни следбеници и послушници, нема потреба посебно да се пишува. Напишано и кажано е сѐ. Тоа што сега јавноста очекува се одговори од унгарската влада. И, веројатно, уште неколку влади на оваа оска.

Се разбира, останува оправданото и прекорното очекување овој тежок скандал, конечно, да ги разбуди носителите на одлуки вистински да ги започнат толку потребните реформи и коренити промени.

До следните одговори и заплети, ви посакувам пријатни шпионски мигови…

Слични содржини