Што мислат Германците за Шолц? Не се многу оптимисти…

од Vladimir Zorba

Речиси две третини од Германците очекуваат новиот канцелар Олаф Шолц да остане на функцијата само еден мандат, покажа анкетата спроведена од агенцијата YouGov за новинската агенција „ДПА“ во средата.

20 отсто од испитаниците оцениле дека новата владејачка коалиција на чело со Шолц, т.н. „семафор коалиција“, составена од социјалдемократи, зелени и либерали, „ќе се распадне пред новите парламентарни избори“.

44 отсто од нив сметаат дека Шолц ќе остане на функцијата до крајот на својот мандат, но дека нема да биде реизбран, пренесе „Хина“.

Само 16 отсто од анкетираните очекуваат новиот канцелар да биде на функцијата по втор мандат, а само 1,3 отсто веруваат дека Шолц ќе остане на функцијата онолку долго колку што и неговата претходничка Ангела Меркел. Таа помина 16 години како канцелар.

Самиот Шолц (63) во неколку наврати изјави дека постоечката тричлена коалиција ја гледа како долгорочен проект кој ќе трае подолго од сегашниот изборен мандат.

Поранешниот министер за финансии и вицепремиер на канцеларката Меркел вети дека храбро ќе се справи со растечките предизвици, наведувајќи дека Германија „може да полета“.

Но, според истражувањето на YouG, ниту една четвртина од Германците (22 отсто) не очекуваат големи промени.

Вкупно 51 отсто сметаат дека коалицијата нема да поттикне големи промени во државата, а 16 отсто од нив не очекуваат промени. Не гласале 11 отсто.

Очигледно мнозинство луѓе во Германија се задоволни од работата на Ангела Меркел како канцелар, 55 отсто од нив, додека 38 отсто од испитаниците биле незадоволни, а седум отсто не се изјасниле.

Слични содржини