Што мисли германската тајна служба за падот на режимот на Путин?

од Stefanija Kuzmanovska

И 15 месеци по почетокот на војната во Украина, германската тајна служба БНД нема индикации дека е можна дестабилизација на режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

„И покрај индивидуалните критики, на пример за премногу бавната испорака на муниција, нема индикации дека системот е разнишан или дека може да се урне. Русија сè уште е способна да води долготрајна војна“, рече шефот на БНД, Бруно Кал.

Сепак, тој истакна дека не може целосно да се исклучи падот на режимот и дека постојат слаби точки и можни изненадувања, на пример во однос на можностите на вооружените сили.

Тој, исто така, предупреди дека Путин би можел да успее со својата стратегија да се потпре на факторот време и масовноста на силите, доколку Западот доволно не ја поддржи Украина и не организира отпор.

На прашањето кога точно БНД знаела дека Русија ќе ја нападне соседна Украина, Кал одговорил – приближно 14 дена пред почетокот на војната.

„Идентификувавме појави кои не може да се толкуваат поинаку“, додаде тој.

Кал ги отфрли како неоправдани критиките дека тајните служби на САД и Велика Британија многу пред БНД знаеле дека ќе избие војната.

Објасни дека тие служби ја предвиделе веројатноста за избувнување на војна врз основа на одредени критериуми и трендови кои ги забележале.

Спротивно на тоа, рече Кал, она што беше важно за БНД е фактот дека Путин беше тој кој на крајот ја донесе одлуката.

За шефот на Кремљ таа одлука зависела од многу работи, додаде Кал, но тие не се состоеле од „броење проектили или оклопни возила“.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари минатата година.

Слични содржини