Што не треба да им зборувате на дебелите луѓе?

од Stefanija Kuzmanovska

Често се слушаат совети за тоа како другите луѓе треба да се справат со разни дијагнози – дијабетес, срцеви заболувања или други сериозни здравствени состојби, од луѓе кои не се лекари. Истото важи и кога станува збор за телесната тежина.

Бидејќи дебелината не може да се сокрие, честопати се слушаат разни совети како да се справите со тоа, вели д-р Фатима Коди Стенфорд.

Иако вашата забелешка е навидум добронамерна, таа може да има штетно влијание врз физичкото или менталното здравје на лицето на кое е упатена, пишува Live Strong.

Д-р Стенфорд издвои некои од работите што никогаш не треба да им ги кажувате на дебелите луѓе.

Загрижен сум за твоето здравје

На прв поглед, овој коментар звучи разумно, знаеме дека дебелината е поврзана со поголем ризик од многу други болести, но често станува збор само за ставови кои се маскирани, за да изгледаат како грижа.

Покрај тоа, кога ќе го кажете ова, тврдите дека лицето не се грижи за личната благосостојба, иако, всушност, тој може да биде исклучително загрижен за своето здравје. Честопати не знаете кои се вистинските причини за дебелината.

На дебелите луѓе не им треба критика, им треба претпазливост и емпатија, како и секоја друга личност.

Треба ли да го јадеш тоа?

Д-р Стенфорд верува дека немате право да коментирате што јаде некое лице, дури и ако таа личност е ваш партнер, член на семејството или пријател.

„Треба да бидеме претпазливи затоа што ова е осудувачко“, вели д-р Стенфорд.

Прво, никој не ја осудува витката личност ако јаде торта или чипс. Што не носи до втората точка: кога ќе прашате дебела личност дали треба да ја јаде, вие всушност претпоставувате дека лицето постојано го јаде, иако тоа може не е случај.

„Можеби ова е прв пат да се почести во последните неколку месеци“, вели д-р Стенфорд.

Толку си храбар

Да му кажете на некого храбар затоа што се обидува да се справи со прекумерната тежина може да звучи како комплимент, но овој коментар можеби не е толку охрабрувачки и може да предизвика многу несакани чувства кај таа личност.

За некои, дебелината започнала во детството и битката трае цел живот. За други, таа се развила откако почнале да земаат одредени лекови или е резултат на некоја болест.

„Постојат многу потенцијални причини и треба да бидеме свесни што може да се случува зад сцената“, вели д-р Стенфорд.

Ако решиш, ќе ослабнеш

Да изгубите тежина кога сте дебели не е лесна задача. Оваа фрустрирачка заблуда е една од главните работи што го лути д-р Стенфорд.

„Секој ден ги гледам борбите на моите пациенти – луѓе кои користат секој облик на третман базиран на докази и сè уште се борат со својата дебелина. Многу од нив се обидуваат, но се претпоставува дека не се трудат доволно или дека не прават се што е во нивна моќ. Тоа е крајно несовесно, неуко и штетно“, вели д-р Стенфорд.

Дали си пробал да вежбаш?

Луѓето често мислат дека оние кои се борат со дебелина никогаш не вежбаат, а всушност дебелите луѓе понекогаш се поактивни од слабите затоа што се посветуваат на поздрав начин на живот, вели д-р Стенфорд.

Погрешно е да се заклучи дека вежбањето е решение за слабеење. Иако вежбањето има свои придобивки затоа што го зајакнува кардиоваскуларното и менталното здравје, помага да се намали ризикот од деменција и одредени видови на рак, за многу луѓе не поттикнува одржливо слабеење и не треба да се смета на тоа како единствена стратегија за слабеење, вели д-р. Стенфорд.

Слични содржини