Делумна мобилизација на Путин: „Русите се фрлени во неизвесност, самата мобилизација станува еден вид рулет“

од Nikola Popovski

Откако рускиот претседател Владимир Путин најави „делумна мобилизација“ во средата наутро, неговиот министер за одбрана Сергеј Шојгу објави дека ќе се „соберат“ околу 300.000 резервисти. Но, многумина во Русија и во светот се прашуваат што точно се подразбира под руска делумна мобилизација, како ќе изгледа во пракса и дали навистина може да ѝ помогне на Русија да ги сврти работите во своја корист на линијата на фронтот во Украина. За сето ова има многу шпекулации, но едно е сигурно – руското општество го очекуваат големи промени. Тоа би бил заклучокот на Борис Камчев, долгогодишен новинар кој живеел и работел во Санкт Петербург.

Камчев претходно работел како дописник од Русија за повеќе македонски дневни и неделни изданија, бил ангажиран и како соработник за бизнис теми во редакцијата на The St. Petersburg Times, а соработувал и со Russia Profile, англиско интернет-издание на РИА Новости.

Тој во разговор за „Локално“ вели дека не се знае дали навистина оваа мобилизација е делумна.

-Бидејќи во указот потпишан од Путин не е јасно колку луѓе се бараат и кој може да биде повикан. Тоа е специјално направено за да се толкува повеќезначно, според потребите што генералите ќе ги увидат на бојното поле. Русите на некој начин се фрлени во неизвесност, а самата мобилизација станува еден вид на рулет. Да вистински руски рулет, кога никој не знае дали ќе биде повикан, и ако не се успее со егзодус и заминување од земјата за да се избегне служба, дали тој повик значи и одење во смрт, посочува Камчев.

Борис Камчев

Борис Камчев

Според него, ова е уште една од низата лаги на раководството на Русија во наоѓање начин да се објасни империјалистичкиот наратив зад одлуката за водење агресивна војна за приграбување територии на други земји.

-Ако се сеќавате, во месеците и неделите пред инвазијата, раководството на Русија постојано негираше дека се спрема напад на Украина. Напад, и тоа на три фронта во форма на сеопашта инвазија на север исток и југ, сепак се случи на 24 февруари. Во својот говор во март, Путин истакна дека мајките и блиските да не стравуваат дека „во боевите дејства не учествуваат и нема да учествуаат војниците од итната служба и нема да се прави дополнителен повик на резревисти… а задачите на теренот ги исполнуваат само професионалци“, објаснува новинарот.

За тамошниот закон во однос на мобилизацијата, Камчев вели дека е срочен во прилично општи формулации, за да се има можност да се мобилизира што поголем број на лица и да се интерпетира по потреба.

-Ослободуаањето од служба најверојатно ќе важи за тие кои ќе докажат дека имаат хронични боелсти, им фали нешто во главата, значи оние кои имаат докажани физички или психички болести или недостатоци. Да, дезертерите и оние кои се повикани, а нема да се јават се соочуваат со казна затвор од најмаку пет години, прецизира новинарот.

Ваквиот потег на Путин, смета Камчев е поради немање избор бидејќи губи на военото поле.

-Првичната идеја да се изведа „мала победоносна војна“, блицкриг, не се реализираше. Тој фактички е соочен со загуби со контраофанзива на Украинците, во која неговите елитни единици оставаа опрема и техника како најмодерни тенкови вредни десетици милиони долари, вели Камчев.

Камчев вели дека и да се успее донекаде со оваа мобилизација, оружените поединци како прво нема да имаат мотивација да се борат, каква што покажуваат Украинците и нема да бидат подготвени за тоа, бидејќи времето за обука е прекратко.

Тој истакнува дека со мобилизацијата и повикот за референдуми во делови од југоисточна Украина, Путин всушност ја ескалира ситуацијата и ги удвојува воените повици.

-Односно им угодува на радикалните струи во руското општетсво кои одамна повикуваа на победонеосен судир меѓу западната цивилизација и Русија, за кои тие сметаат дека е посебна цивилизација. На ликовите како Дугин или Стрелков, еден од ветераните на војната во 2014 година, но и Пригожин од приватната воена групација „Вагнер“, кој во последно време се наметнува како воен фактор и слободно оди и регрутира затвореници во најнепристапните руски затворски колонии на Сибир. Бидејќи доколку Путин не го направеше тоа, имаше голема веројатност да биде отстранет, сменет преку внатрешен пуч. Затоа тој мораше да објави крајно непопуларна мерка и беше принуден да стане лидер на тие екстремно радикални струи во руската воена власт. Мерките со мобилизација според принцип на руски рулет можат да го чинат и загуба на власта, оценува Камчев за „Локално“.

Новинарот не ја исклучува можноста од евентуално користење на нуклеарно оружјe.

-Очигледно е дека ситуацијата е сериозна и конфликтот може да екслаира од жешка во супер жешка фаза кога може да употреби и нуклеарно оружје. Сметам дека на политичарите на Западот, на администрацијатна на Бајден посебно, веќе им е сеедно. Се изнаслушавме на заканите и од Путин и од неговиот шеф на Советот за безбедност, Димитриј Медведев. Иако имаше ракетни удари врз руска територија во Крим, постојано се случуваат инциденти во пораничната зона на руска територија кај Белгород, каде дефакто беше нарушен суверенитетот на Русија, па немаше одовор со нуклеарки или не знам што. Западните лидери во тие закани гледаат обичен блеф, додава тој.

Западот, смета Камчев, има намера да продолжи да ја помага Украина со оружје толку колку што е потребно таа да се одбрани и да ја истисне руската агресија.

-Така, Киев би имал подобри позиции во некакви идни преговори, со што ќе се определи и крајот на војната. Во меѓувреме неблагодарно е да се прогнозира и да се даваат оценки кога. Додека Украинците си ја бранат земјата од варварски напади, Европа и светот може само да седат и набљудуваат дали во Кремљ имаат храброст да стиснат на црвеното копче, ни кажа новинарот.

Многумина Руси започнаа да ја напуштаат земјата после најавата за мобилизација, а Камчев на тоа вели дека сега сите ги допре војната.

-Досега војната, која за жал голем дел од Русите ја подржуваа, за кои така седејќи во фотеља пред телевизор беше нешто далечно, нешто со кое таму далеку се справуваат други. Но и тие што остануваа индиферентни и си го тераа секојдневието, и оние што беа против, секако, сите нив војната сега ги допре лично. Секој маж на возраст од 18 до 62 години може да биде мобилизиран, однесен на фронтот и со голема веројатност убиен, бидејќи од фронтот не се враќаат сите. Од онаа воена групација од 120-150 илјади која беше формирана пред инвазијата, половина од нив се ранети, а отприлика 20 до 30 илјади или 25 отсто не се вратија, односно се убиени. И ова е моја просечна цифра, земена од информациите што секојдневно ги даваат САД и Украина, чиј проценки за руските човечки загуби се повисоки, информира тој и порачува дека паниката е нормална реакција после одлуката на Путин.

-Се распродаваат авионски билети, од кои оние до најблиските дестинации како Белград, Истанбул и Дубаи сега веќе чинат и по 9.000 долари. Нормални се километарските колони со возила на граничните премини спрема Финска, (која наверојатно ќе ја затвори границата за руски државјани), Грузија, Казхастан  па и Монголија. Сето тоа е нормално кај Русите, две децении хранети од пропагандата машина на Кремљ за поимите како „великаја дјержава“, и за  „враги“ кои „сакаат да не уништат“, сега на површина излегува инстиктот за самопреживување, вели Камчев.

Н.П.

Слични содржини