Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг: Сега и Бугарија покажува сила против Северна Македонија

од Aleksandar Petrovski

Зидојче Цајтунг денеска пишува дека Северна Македонија ќе може да ги започне преговорите со ЕУ само доколку признае дека нејзиниот јазик е дијалект на бугарскиот, а националните херои се Бугари.

„Земјата која, не така одамна, си го смени името, за да ги зголеми шансите за членство во ЕУ, сега се наоѓа пред уште една голема пречка. Почетокот на пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија ќе биде блокиран, се вели од соседна Бугарија, доколку Владата во Скопје не смени делови од својата историографија.
Бугарската влада бара од Северна Македонија да признае дека нејзиниот јазик е дијалект на бугарскиот- а не самостоен македонски јазик, како што е „вештачки“ нарекуван уште од времето на владеењето на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито. Еден национален херој на малата земја не смее повеќе да се нарекува Македонец, гласи едно од барањата на Бугарија“, пишува Зидојче цајтунг дополнувајќи дека се работи за Гоце Делчев кој сега, согласно бугарското барање, треба да биде наведен како Бугарин и во македонската историографија.
Весникот ја цитира и изјавата на реномираниот бугарски политолог Иван Крастев кој спорот го означува како „апсурден“, објаснувајќи дека во минатото токму Бугарија се залагала за членство на својот сосед во ЕУ.
„Ни премиерот, ниту претседателот не смеат да дозволат нивната земја да остане изолирана во рамките на ЕУ поради еден ваков чекор“, пишува Зидојче Цајтунг.

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во текстот под наслов „Сега и Бугарија покажува сила против Северна Македонија“ наведува дека идентитетските прашања повторно го блокираат приближувањето на Македонија кон ЕУ.

„Тонот меѓу Бугарија и Северна Македонија се заострува. Во краен случај тој е подготвен да испрати и воен полк во соседната земја, за да ги отстрани спомениците, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Дотаму веројатно нема да дојде. Но дека во спорот околу историјата, јазикот и националниот идентитет е многу сериозна, бугарската влада не остава никаков сомнеж.

Софија како единствена членка на ЕУ го блокира договорот за соработка на Фронтекс со Скопје, затоа што одбива да го прифати означувањето на јазикот на соседот како македонски. Дополнително, Бугарија се заканува дека ќе стави вето и на почетокот на пристапните преговори со ЕУ на Скопје. Тоа го соопшти бугарскиот амбасадор во ЕУ минатата недела на состанок со неговите колеги. Со тоа, идентитетските прашања повторно го блокираат патот на Северна Македонија кон ЕУ“, пишува НЦЦ.

„Тоа што спорот сега повторно ескалира е делумно поврзано со проблемите на бугарската влада. Повеќе од 100 дена во земјата секојдневно се протестира против корупцијата. Во суштина, барањата кон Скопје не се нови, а ставот на владата е поддржан и од опозицијата“, наведува швајцарскиот весник. НЦЦ ја цитира професорката Билјана Ванковска од Универзитетот во Скопје, која очекува дека „Бугарија на крајот ќе го добие она што го бара“, исто како и Грција претходно во спорот за името.

„Од тоа произлегува опасноста од натамошна поларизација на општеството. И промената на името доведе до голем отпор на националистичките кругови“, пишува НЦЦ.

Слични содржини