Шведска студија: 80% од луѓето кои прележале Ковид имаат антитела дури година по инфекцијата

од Vladimir Zorba

Околу 80 проценти од луѓето кои се заразиле со Ковид-19 пред една година, сe уште имаат антитела кон вирусот САРС-КоВ-2, покажа нова шведска студија.

Ново шведско истражување беше направено на 2.000 вработени во болницата Дендерид во Стокхолм, на кои им беа направени тестови на крвта на секои четири месеци и одговараа на прашања преку специјална апликација.

„Можевме да видиме дека повеќето од оние кои имале Ковид -19 го изгубиле мирисот и вкусот, и дека десет проценти од заразените биле без првични симптоми на болеста“, рече за шведската национална телевизија СВТ – Себастијан Хаверал, од Каролинска институтот.

Антителата што ги развиле се покажаа како добра заштита од варијанти на алфа вирусот (претходна британска варијанта) и делта, која во моментов е доминантна варијанта и брзо се шири низ целиот свет, потиснувајќи ги сите други варијанти во многу земји.

Но, заштитата од бета (порано варијантаод Јужна Африка) и гама (претходна бразилска варијанта) не е толку силна.

Нивото на заштита од бета и гама варијанти е 30 до 40 проценти пониско, додава Хаверал.

Научниците кои ја спроведоа студијата во шведската болница Дендерид, исто така, истражуваа колку дози од вакцината се потребни за оние кои веќе се заразени. Претходно беше заклучено дека е доволна само една доза од вакцината на Фајзер, а шведските научници сега открија дека истото важи и за вакцината АстраЗенека.

„Инфекцијата делува како примање на првата доза од вакцината, а примањето на втората доза од вакцината потоа служеше како „бустер“. Покрај тоа, се покажа дека учесниците во студијата имале уште подобро ниво на заштита отколку луѓето кои ги примиле двете дози на вакцината „Фајзер“, заклучи Хаверал.

Шведска досега имаше 1,11 милиони случаи на нова инфекција со коронавирус и над 14,600 смртни случаи од последиците од Ковид-19, што е повеќе од останатите скандинавски земји заедно.

Слични содржини