Сијарто: Нема да поддржиме мерки кои ја ограничуваат енергетската соработка со Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарија нема да поддржи никакви санкции кои ја ограничуваат енергетската соработка со Русија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој нагласи дека без нуклеарната централа Пакс нема да може да се обезбеди тековно снабдување со енергија за Унгарија, бидејќи без изградба на нови единици за снабдување ќе биде невозможно да се гарантира безбедноста на снабдувањето со енергија во наредните децении.

„Затоа, мислам дека е сосема очигледно дека Унгарија нема да поддржи никакви санкции кои на кој било начин би ја ограничиле соработката со Русија во областа на нуклеарната енергија“, рече Сијарто.

Сијарто потсети дека Унгарија 40 години користи нуклеарна енергија од Пакс и дека договорот со руската компанија „Росатом“ за изградба на нови блокови е потпишан пред девет години.

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека Советот за надворешни работи на ЕУ само во општи рамки разговарал за новите санкции против Русија.

„Што се однесува до конкретни санкции во областа на нуклеарната енергија, не видовме конкретни предлози – писмени или вербални. Долго време се зборуваше дека треба да се воведат санкции кон Росатом и за соработка со Русија во полето на нуклеарната енергија“, рече Сијарто.

ЕУ се соочува со огромна енергетска криза и се бори да ги надополни резервите на гас по воведувањето санкции кон Русија поради руската специјална воена операција во Украина која започна на 24 февруари.

Украинската криза и санкциите против Русија доведоа до прекин на синџирите на снабдување и нагло зголемување на цените на енергијата ширум светот.

Слични содржини