Си Џинпинг пристигна во Москва, следи состанок со Путин

од Stefanija Kuzmanovska

Авионот со кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во посета на Москва, покажуваат податоците на Flight Radar.

Авионот на кинескиот лидер беше на првото место меѓу најследените летови во светот. Повеќе од 100.000 луѓе го следеа Боинг 747 на Ер Чајна.

Посетата на Си Џинпинг на Русија ќе трае од 20 до 22 март. Тоа ќе биде прво патување на Си Џинпинг во странство откако беше реизбран по трет мандат за шеф на државата.

Оваа посета се смета за клучна за целиот свет, бидејќи Си ја посетува Москва за првпат од почетокот на руската инвазија на Украина.

Си и Путин ќе разговараат за кинеско-руското сеопфатно стратешко партнерство, ќе разменат мислења за важни меѓународни и регионални работи и ќе ја промовираат соработката меѓу двете земји, соопшти претходно кинеското министерство за надворешни работи.

Сепак, претходно „Волстрит журнал“, повикувајќи се на свои извори, објави дека Си Џинпинг, по посетата на Москва, би можел да одржи онлајн состанок со претседателот на Украина, Владимир Зеленски.

Кина постојано нагласува дека Пекинг „игра конструктивна улога“ во решавањето на украинската криза. На 24 февруари кинеското министерство за надворешни работи објави документ од 12 точки за политичко решение на украинската криза.

Слични содржини