Си Џинпинг ги поздрави граѓаните во Белград, следува средба со Вучиќ

од Илинка Илиоска
332 прегледи

Во рамките на вториот ден од неговата посета на Белград, кинескиот претседател Си Џинпинг предвидена е средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и со делегациите на двете земји.

Вучиќ го пречека Си пред Палатата Србија, каде што беше организирана церемонија со интонирање на химните и испукување на почесна стрелба. Голем број граѓани се собраа пред Палатата за да му оддадат почит на кинескиот претседател, мавтајќи со знамиња и скандирајќи за силните врски меѓу двете нации.

Вучиќ изрази благодарност до граѓаните и го истакна значењето на поддршката од Кина, особено во тешки времиња, и рече дека Кина го поддржува суверенитетот на Србија и нејзините позиции во меѓународните односи. Исто така, потенцираше дека Србија ја поддржува политиката на една Кина, признавајќи го Тајван како дел од кинеската територија.

Вучиќ им се заблагодари што дошле да го поздрават „челичниот пријател на Србија“.

„Како што имаме јасни позиции за прашањето на кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва“, рече Вучиќ.

За време на посетата најавено е и потпишување на значајни договори кои ќе ги засилат веќе постоечките силни врски меѓу двете земји, а Си изрази уверување дека оваа посета ќе придонесе кон отворање на ново поглавје во односите меѓу Кина и Србија.

„Кина и Србија си пружија цврста поддршка меѓусебно за прашања кои се однесуваат на нашите суштински интереси и големи грижи. Ние заеднички ја поддржавме меѓународната правичност и правда и придонесовме со нашиот удел во промовирањето на мирот и развојот во светот“, рече Си во изјавата објавена од Амбасадата на Кина во Србија.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека се преземени сите потребни безбедносни мерки за оваа важна посета, со распоредување на голем број полициски сили. Во градот се забележуваат зголемени гужви поради средбата.

Државната телевизија во Србија, РТС вчера го прекина директниот пренос на Евровизија за да го следи во живо пристигнувањето на кинескиот претседател.

Заедно со претседателот Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Си Џинпинг на црвениот тепих го пречека српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, поранешниот претседател Томислав Николиќ и неговата сопруга, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со неговата сопруга.

Слични содржини