Си-Ен-Ен: Кои се земјите каде што дневната политика е поважна од здравјето на луѓето?

од Nikola Popovski

Минатата недела СЗО предупреди дека Јужна Америка стана новиот епицентар на инфекција со коронавирус.

Покрај сиромаштијата, проблем во борбата против Ковид-19 е што во некои земји во регионот,преовладува идеологијата и дневната политика, отколку здравствената политика, според анализата на Си-Ен-Ен.

Највпечатлив случај е Бразил, кој сега е на второто место во светот по бројот на заразени, зад САД.

Претседателот Жаир Болсонаро, десничар и поранешен воен офицер, се спротивстави на препораките на здравствените власти на неговата земја, присуствувал на повеќе јавни собири за поддршка на владата, па дури и се ракувал со приврзаниците и ги држел своите деца во раце, не грижејќи се за опасноста од инфекција.

Инсистирајќи дека економијата е на прво место, Болсонаро често ги критикувал бразилските гувернери за обидот да воведат мерки за изолација и физичко растојание за да го спречат ширењето на вирусот, поради што опозицијата сега бара повлекување на претседателот.

Мексиканскиот претседател Андрес Лопез Обрадор најавил дека ќе продолжи со обиколку низ земјата за да започне важни проекти за јавни работи, а лидерот на Никарагва, Даниел Ортега, ја претворил пандемијата на коронавирус во политичко прашање, тврдејќи дека неговите противници се оние кои сакаат населението да излезе од своите домови и дека ќе биде економска криза што ќе ја поткопа економијата на земјата и нејзината влада.

Спротивен пример е перуанскиот претседател Мартин Вискара, кој ја продолжил вонредната состојба до крајот на јуни и формирал национален тим за борба против Ковид-19, а лидерот на Салвадор, Наџиб Букеле, ги испратил оние кои кршат полициски час во центри за карантини, за кои Врховниот суд на неговата земја ги прогласи за неуставни.

Сепак, пандемијата во Јужна Америка изгледа незапирливо, без оглед какви чекори се преземаат.

И покрај брзата реакција на надлежните и строгите рестриктивни мерки, бројот на заразени во Перу драматично расте, бидејќи, заради сиромаштијата, многу жители, од кои повеќето работат „нелегално“, се принудени да ги напуштат своите домови во потрага по работа и средства како храна, но и со цел вршење банкарски трансакции, и сето тоа само ја отежнува работата на децентрализираниот здравствен систем на таа земја.

Сепак, примерот на Костарика покажува дека дури и најсиромашните земји во светот можат да бидат успешни во борбата против пандемијата, доколку имаат силен и организиран здравствен систем – и покрај тоа што се меѓу земјите со најголема социјална нееднаквост, Костарика е една од латиноамериканските земји со најниска стапка на смртност.

Освен јачината на здравствениот систем, причината за ваквиот успех лежи во фактот дека здравственото осигурување им е достапно на скоро сите жители, кои, покрај тоа, имаат доверба во националното здравство, пренесува Си-Ен-Ен.

Слични содржини