Си-ен-ен од болница во Њујорк: Страдање, болка и смрт на секои 10 минути

од Stefanija Kuzmanovska

Новинари на Си-ен-ен беа повикани во просториите на универзитетската болница при Универзитетот за здравствени науки во Бруклин, една од трите болници во државата Њујорк, во која сега исклучиво се лекуваат пациенти со коронавирус. Иако помалку лица доаѓаат во ургентниот центар отколку пред епидемијата, секој има Ковид-19, а стапката на смртност е висока. Починаа речиси 25 отсто од пациентите примени во болницата.

„Тие се толку болни што ги губиме за момент. Тие разговараат со вас, а неколку минути подоцна им вметнуваме цевка во грлото надевајќи се дека ќе го поставите апарат за дишење на најдобриот начин за да им помогнеме“, изјави за Си-ен-ен Џули Исон, респираторен терапевт.

Болничкиот „Код 99“, сигнал со кој се известува медицинскиот персонал дека пациентот има потреба од реанимација, се огласи пет пати за помалку од еден час.

Лекарите овде се среќаваат само со пациенти кои се гушат поради коронавирусот. Пациентите постојано пристигнуваат во болницата во Бруклин, така што медицинскиот персонал нема време за одмор.

Екипата на Си-ен-ен виде како здравствен работник завиткал труп на мртов пациент во чаршав, кој бил однесен во рок од половина час. Потоа, тие ја дезинфицирале просторијата и на истото место донеле друг пациент во критична состојба, со маска за кислород на лицето.

Иако се обидуваат да останат смирени, лекарите, медицинските сестри, респираторните терапевти и болничкиот персонал кои се борат да ги спасат пациентите не се навикнати на овие искуства, на толкав број на луѓе кои се гушат, зачестеноста на итни повици и толкав број на луѓе кои не можат да ги спасат.

„Мислам дека емоционално е многу тешко да се подготвиме за толку кратко време за вакво ниво на болести и страдања, морбидитет и смрт. Мислам дека никој од нас не е добро подготвен за ова“, вели д-р Синтија Бенсон, која работи во Центарот за итни случаи.

Од почетокот на пандемијата пред три недели, во оваа болница починале 94 лица.

Шерил Ролстон, медицинска сестра, вели дека е многу тешко да се гледа како пациентите страдаат без блиски луѓе покрај себе.

„Во ургентниот центар владее атмосфера на метеж каков што можете да видите во зоните погодени од катастрофи“, вели Роберт Гор, доктор на брза помош.

Слични содржини