Сијарто: Никој во Европа не сака конфликт меѓу Русија и НАТО

од Vladimir Zorba

Ниту една од западноевропските земји не би сакала отворен конфликт меѓу Русија и НАТО, а Западот ќе направи се за да го избегне тоа, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во интервју за телевизијата РТ.

„Тоа е мое лично мислење, бидејќи никој, па ни западниот дел на Европа, не би сакал таков конфликт. Затоа ми се чини дека Западот ќе направи се што може за да избегне конфликт. Целосно сум сигурен во тоа“, изјави Сијарто.

Тој посочи дека Унгарија како членка на НАТО има низа обврски кои мора да ги исполни, пренесе Спутник. Во исто време, Будимпешта секогаш „ќе прави се за да избегне и спречи каков било конфликт меѓу Русија и НАТО“.

„Живееме во Централна Европа и знаеме какво е чувството кога се подготвува конфликт меѓу Русија, Советскиот Сојуз (во негово време), Истокот и Западот“, додаде тој.

Зборувајќи за мигрантите, унгарскиот министер ги нарече „големо лицемерие“ најавите за промена на мигрантската политика на Европската унија“.

Според него, кога станува збор за „неверојатно одговорни изјави за ситуацијата во Авганистан“ или во Медитеранот, „можеби има некои општи работи кои се различни во споредба со она што се слушаше во 2015 година, но суштината на европската миграциска политика, за жал, таа останува непроменета“.

Сијарто е убеден дека прашањето за миграцијата е нераскинлив дел од суверенитетот.

„Ваше суверено право е да одлучите со кого сте спремни да живеете, а со кого не“, заклучи тој.

Слични содржини