Силно обезбедување низ улиците во Вашингтон на денот на инаугурацијата на Бајден

од Берта Китинска

Бројот на припадници на Националната гарда на САД кои ќе и помогнат на полицијата во Вашингтон на денот на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден се зголеми на 26.000, соопштија американските власти.

Властите првично објавија дека ќе бидат потребни 20.000 припадници на Националната гарда, но бројот се зголеми по дополнителни барања од службеници за безбедност. До денес, околу 7.000 членови на гардата пристигнаа во Вашингтон, а илјадници се на пат. Во моментов, оружјето го носат меѓу 3.000 и 4.000 од овие членови на Националната гарда.

Официјални лица на Министерството за одбрана на САД можат да распоредат членови на гардата најмногу 30 дена за да ја обезбедат инаугурацијата на Бајден и најавените протести, според АП. Федералното биро за истраги на САД (ФБИ) предупреди дека приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп планираат вооружени протести во главните градови на сите 50 сојузни држави и Вашингтон, во деновите пред инаугурацијата.

Приврзаниците на Трамп упаднаа во Конгресот на САД на 6 јануари и го држеа под окупација четири часа, за време на специјалната седница на која подоцна истата вечер беше потврдена победата на Бајден на претседателските избори. Пет лица беа убиени за време на насилствата во Конгресот.

Непосредно пред упадот во Конгресот, Трамп ја вжешти атмосферата на протестот во Вашингтон, повторувајќи ги неоснованите тврдења дека бил ограбен на претседателските избори на 3 ноември и повикувајќи ги приврзаниците на „ѓаволска борба“ против изборните резултати.

Слични содржини