Симовски: Податоците од пописот се неопходни за планирање и развој на земјата

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска учествуваше на панел-дискусија на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ во организација на здружението на граѓани „Цивил– Центар за слобода“.

Тој појасни дека пописот 2021, согласно препораките на Обединетите нации и дефинициите на Еуростат ќе даде одговор односно податоци за одредени категории лица, резидентно население, кое живее во Северна Македонија и вкупно нерезидентно население, односно лица државјани на Северна Македонија кои престојуваат во странство повеќе од 12 месеци, односно една година, како и членовите на нивните домаќинства доколку престојуваат со нив.

„Со објавувањето на Методологијата, веќе се разјаснети повеќето прашања околу категориите на населението кое ќе се попишува. Вклучувањето во Пописот на нашите граѓани, кои се наоѓаа повеќе од една година надвор од државата е од големо значење бидејќи цениме дека потребно е да знаеме колкава е таа бројка, каква е нивната структура по сите основи, образовни, возрасна, полова, работоспособност, кои се нивните периоди на иселување, од кој дел на државата и.т.н.“, подвлече Симовски, додавајќи дека Пописот е обид да се добие една бројка за овие граѓани, со цел да се создадат квалитетни политики кои ќе помогнат за враќање на што поголем број од овие лица.

По однос на евентуално одложување на пописот, Симовски објасни дека за тоа не постои можност поради временскиот период на попишување, кој е регулиран со Законот за Попис, но и поради неопходната потреба конечно после повеќе од 18 години да се добијат квалитетни податоци, кои и се потребни на државата за нејзиниот успешен развој.
Истовремено тој додаде дека Државниот завод за статистика е персонално и технолошки подготвен да ја спроведе оваа сложена операција, која речиси две декади се очекува.

Слични содржини