Симуновски: Легализацијата на трговијата со криптовалути ќе донесе повеќе прилив на даноци во буџетот

од Vladimir Zorba

Најавата на Владата за легализирање на трговијата со криптовалути остави позитивен впечаток кај трговците со овие дигитални средства, кои сепак оставија простор за конечен став во зависност од законските решенија кои ќе бидат донесени.

Еден од акцентите се става на системот на оданочување на криптовалутите, а тој според крипто-експертот и портфолио стратегот, Дарко Симуновски треба да биде внимателно осмислен.

Во разговор за „Локално“ тој посочува дека поединците и фирмите кои профитираат од купување и продажба на криптовалути не треба да се оданочуваат на капиталната добивка. Ослободена од оданочување треба да биде според него и размената на криптовалути за друга валута, а учество на  пазарот на дигитални средства треба да биде подеднакво дозволено за сите физички и правни лица.

Ваквиот пристап, тврди, ќе привлече богати инвестори и фирми од целиот свет. „Легализацијата на криптовалутите ќе инирцира поголема ликвидност односно обрт на денарот и повеќе прилив на даноци во буџетот пред се од данокот на додадена вредност“, вели Симуновски.

Најавата на Владата дека криптовалутите ќе се регулираат со овозможена трговија ја изненади јавноста, особено затоа што доаѓа после долг период на тврд став кон ова прашање од страна на НБРМ. Претстојат консултации со експерти, но дали можете сега, во оваа најрана фаза на процесот да излезете со проценка на новината?

-Јас сум задоволен што конечно официјален орган се произнесе за криптовалутите, најавата добро звучи, но немаме ништо конкретно за носење такви регулативи и како тоа би се имплементирало во законска рамка.

Крипто-пазарот е индустрија која расте во многу делови на светот денес. Таа е една од најзгодните форми за правење трансакции и обезбедува и најголема флексибилност.

Уште подобро е што нуди нов тип на индивидуално зајакнување што е и возбудливо и динамично.  Дигиталните средства се ценети  поради многу други причини. Заштитува од инфлација, исто така е сигурен начин за плаќање кој се самоуправува.

Главен агрумент на противниците на легализирањето на криптовалутите е можноста за нивна злоупотреба во насока на сомнителни трансакции, па дури и за криминални бизниси. Како  да се надмине оваа пречка?

-Решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари, тоа е имплемемтирано со  AML Спречување на перење пари, ова се однесува на активностите што финансиските институции ги вршат за да постигнат усогласеност со законските барања за активно следење и известување за сомнителни активности.

Државата може да ги обезбеди информациите за отворени сметки од крипто менувачниците како на пример binance. Мој предлог е даночните власти да усвојат мек став за инвестициите во криптовалути.

Каков според Вас треба да биде проектиран  системот на оданочување на криптовалутите? Дали треба да биде еднаков за физичките лица и за фирмите?

-Поединците и фирмите кои профитираат од купување и продажба на криптовалути да не се оданочуваат на капиталната добивка. Понатаму, размената на криптовалути за друга валута е исто така ослободена од оданочување. Да им биде подеднакво дозволено на сите физички и правни лица да учествуваат во пазарот на дигитални средства (криптовалути).

Ваквиот пристап ќе привлече богати инвестори и фирми од целиот свет. Ќе ја засили куповната моќ, ликвидноста во пазарот а со тоа и стандардот на живеење. За индивидуалните инвеститори нема данок во Португалија, кантони во Швајцарија, Ел Салвадор, Малезија, Дубаи ОАЕ, Малта, Германија, Латвија, Грузија, Аргентина и др држави.

Ситуацијата може да се разликува за компаниите кои примаат плаќање во криптовалути каде што се применуваат даноци на капитална добивка,но тие да се минимални како 5% со тоа ќе се привлечат потенцијални финтеч компании да работат во Македонија.

Какви ќе бидат бенефитите од легализацијата по државата? Во кои полиња најмногу ќе можеме да ги препознаеме позитивните ефекти?

-Едни вакви законски регулативи пред се ќе ја кренат куповната моќ на компании и лица и ќе привлечат богати инвеститори и финтеч компании. Ова ќе инирцира поголема ликвидност односно обрт на денарот и повеќе прилив на даноци во буџетот пред се од данокот на додадена вредност.

Македонија нема извоз што би го гарантирал растот на БДП, но со појавата на оваа нова технологија и финансии со едни вакви крипто-пријателски настроени закони можеме да тргнеме од мртва точка.Исто така Македонија мора да поработи на максимално искористување на сончевата енергија за евентуално понатамошно “мајнирање на биткоин”.

Сметам дека малку и визионерски да погледнеме, државата треба да инвестира во државни резерви на злато, но и да се разгледа сериозно на дигиталното злато т. е. биткоин како опција за национални резерви. Колку и да звучи футуристички овој мој последен предлог, јас верувам ќе дојдеме во еден момент во иднината каде државни резерви во биткоин ќе бидат норма односно меѓународен стандард.

К.В.С.

 

Слични содржини