Синдикат на пожарникари: За да бидат заштедени пари, општина Ранковце нема дежурни пожарникари во трета смена

од Nikola Popovski

„Како Независен синдикат на пожарникарите на Македонија при ССМ, логично и сосема исправно е што сме особено загрижени за положбата на нашите колеги низ државата. Навистина е неправедно во овие моменти кога се покренуваат прашањата за одговорност на државните органи, да не се покренува прашањето за статусот на професионалните пожарникари и пожарникарската професија како целина“, велат од Синдикатот на пожарникарите.

Синдикатот соопштува дека нив стигнуваат повеќе дојави за погазување на правата од работен однос на нивните колеги кои се борат со огнената стихија.

„На некои места како што е Ранковце, градоначалникот иако предупреден од инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување сеуште официјално ја држи активна забраната за работа во трета смена на професионалните пожарникари. Замислете за да бидат заштедени парични средства, Општината Ранковце немала дежурни пожарникари во третата смена, па така нашите колеги од таа општина на свое лично залагање, некои и по 40 часови непрекинато се борат со страшните пожари на локалното подрачје, иако исплатата на нивниот труд, на овој начин е доведена во прашање“, велат пожарникарите.

Тие сакаат да искажат огромна благодарност до пожарникарите и другите лица кои се борат со пожарите на територијата на целата држава.

„Тука особено сакаме да ги споменеме и колегите од противпожарната единица во Кочани кои повеќе од 72 часа се борат на терен, а повеќето од нив немаат ниту 3 часа одморено севкупно во овие три дена! Слични делувања очигледно се случуваат и на други места низ државата и за тоа редовно не информираат нашите членови“, стои во соопштението.

Слични содржини