Синдикатот за култура бара вклученост во изработката на новиот закон, министерка тврди дека е вклучен во процесот

од Берта Китинска

Од Синдикатот за култура на земјава (СКРМ) во врска со процедурата за донесувањето на нацрт-верзијата на новиот Закон за култура посочија дека не се вклучени во работните групи за изработка на новиот закон, а покрај тоа, додаваат оттаму, не им е дадено доволно време за да испратат забелешки и предлози на веќе подготвената верзија на законот.

„Како што во 2014 година, како вработени во културата, еден ден случајно дознавме дека имаме нов Закон за култура, така и овој пат историјата речиси да се повторува: Министерството за култура изготви нова нацрт-верзија на Закон, во кој социјалниот дијалог со репрезентативните синдикати во културата го сведе на ‘осум дена за забелешки мислења и предлози и доколку е потребно состаноци за заедничка дискусија’. Иако партнерски, искрено и конструктивно претходно договорени дека заеднички ќе учествуваме во изработката на новиот предлог-текст, кој сите ќе нѐ засега за долги години во иднина, нашите претставници кои беа номинирани и доставени до Министерството за култура уште во месец февруари 2022 година, не беа повикани на ниту еден состанок на работната група, која е формирана во април 2022 година“, изјави претседателката на Синдикатот на културата, Вера Атанасовска.

Од друга страна, пак, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска тврди дека не е точно оти Синдикатот не е вклучен во подготовка на новиот закон.

„Нацрт-верзијата за новиот Закон за култура е во изработка, не се работи за финален закон. На Синдикатот му беше испратена работната верзија на 28 октомври, по состанокот во мојот кабинет. Тоа не значи дека тие не се вклучени во изработката, туку дека нацрт-верзијата се изработи прво во рамки на Министерството за култура и сега во оваа фаза на ред се да се изјаснат и Синдикатите со рок до 8 ноември. Тоа не значи дека тој рок не може да се продолжи на нивно барање“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Слични содржини