Синдромот „Хавана“ стигна до Виена, американските дипломати се жалат на „когнитивна магла“

од Vladimir Zorba

Владата на САД истражува низа здравствени инциденти во австриската престолнина Виена, во кој се вклучени нејзини дипломати и друг персонал во амбасадата.

Повеќе од дваесет службеници пријавија симптоми слични на синдромот „Хавана“ – мистериозно заболување на мозокот – откако претседателот Џозеф Бајден ја презеде функцијата во јануари.

Синдромот е необјаснив, но американски научници велат дека најверојатно е предизвикан од насочена микробранова радијација.

Првпат беше откриен на Куба во 2016 година, а беше именуван по главниот град на таа земја. Американски и канадски дипломати во Хавана се пожалија на симптоми кои се манифестираат со вртоглавица, губење на рамнотежа, слух и вознемиреност, како и со она што пациентите го опишаа како „когнитивна магла“.

САД ја обвинија Куба за „звучни напади“, што Хавана остро го демантираше, а инцидентот доведе до зголемени тензии меѓу двете земји.

Студија на САД од 2019 година откри „абнормалности во мозокот“ кај дипломатите кои се разболеле, но Куба го отфрли извештајот.

„Њјоркер“ беше првиот што извести за случаите во Виена во петокот, а подоцна тоа го потврди и американскиот Стејт департмент.

Ројтерс цитираше изјава на австриското Министерство за надворешни работи во кое се вели дека „соработува со американските власти“.

Слични случаи се пријавени на друго место во светот, но американски официјални лица велат дека бројот е поголем во Виена отколку во кој било друг град освен во Хавана.

Виена долго време беше центар на дипломатска активност и имаше репутација на жариште на шпионажа за време на Студената војна, поради што земји како САД сè уште имаат значително дипломатско присуство.

Слични содржини