СИРИЗА со сомнежи за средбата Мицотакис –Трамп

од Vladimir Zorba

Постоеше планирана и закажана средба на господинот Мицотакис со господинот Трамп? Средбата се откажа или се одложи и ќе се презакаже за време на престојот во Њујорк?, се прашањата што преку соопштение ги поставува грчката опозициска партија СИРИЗА во однос на откажаната средба на премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис со претседателот на САД, Доналд Трамп jави дописничката на МИА од Атина.

Одговор, преку грчката новинска агенција АНА-МПА, испрати портпаролот на американската амбасада во Атина кој потврдува дека средбата била планирана за во вторникот на 24 септември, но „за жал поради ограничувањата во програмата беше откажана“.

-Соединетите Американски држави и Грција имаат долгогодишна, силна и повеќестрана соработка. Претстојниот стратешки дијалог САД-Грција во Атина, ја истакнува нашата заемна посветеност за продлабочување на соработката, вели портпаролот на американската амбасада во САД за АНА-МПА.

Од СИРИЗА во соопштението, освен што бараат одговори за откажаната средба на грчкиот премиер со претседателот на САД, прашуваат дали за време на разговорите на Мицотакис со Ердоган биле споменати турските прекршувања во Егејското море и нелегалните дупчења во кипарската ексклузивна зона и коментираат дека „сликата што за сега се создава од присуството на премиерот на Самитот на ОН е дека Мицотакис замина неподготвен на едно патување што е од клучно значење за меѓународните односи на земјата“.

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис заедно со неговата сопруга Марева Габровски Мицотаки присуствуваше на приемот организиран од претседателот на САД, Доналд Трамп за учесниците на Генералното Собрание на ОН во Њујорк.

Слични содржини