Сите села се безбедни во моментов активни осум пожари

од Берта Китинска

До синоќа во земјава беа активни осум шумски пожари, а останатите се делумно локализирани.

Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи преку системот НИКС, кој ги дигитализира сите податоци од терен, од вчера раководи со справувањето со шумските пожари.

– Преку овој систем имаме просторно прикажување на ситуацијата на терен односно, членовите на Главниот штаб на едно место на екран ги гледаат сите податоци, гледаат на кои места имаме активен пожар, гледаат каков е неговиот интензитет, гледаат каде има изгаснат пожар, за којшто постои можност повторно да се реактивира. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, тоа помага на Главниот штаб да носи квалитетни одлуки, да врши подобра координација на силите на терен, рече вчера директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Тој истакна и дека сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени, местата се изорани и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.

Слични содржини