СЈО – Само притвор може да спречи бегство на Јанакиески и Божиновски

од desk2

Дека постои можност да избегаат обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 констатирал уште на 2 јули 2017, па затоа им се одземени патните исправи и дипломатските пасоши и имале обврска да се јавуваат секој петок во судот, соопштува денеска Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

На предлог на СЈО, Кривичниот совет имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планирале бегство, а тоа не можело да се спречи со веќе постоечките мерки за претпазливост, одлучил да им изрече мерка притвор.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно на прес- конференција рекоа дека судот мора да им ја укине мерката притвор на Јанакиески и на Божиновски.

„Судот мора да се ослободи од притисокот и да ги констатира пропустите направени при изрекувањето на мерката притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Нема ниту една причина, нема доказ или релевантна информација дека тие имале намера да не ги почитуваат мерките на претпазливост кои веќе им се изречени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јанакиески и Божиновски беа однесени во притвор во Шутка по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија каде што побара политички азил.

Слични содржини