Скандал во Британија: Траги од кокаин кај Кабинетот на Џонсон

од Nikola Popovski

На 11 места во британскиот парламент се пронајдени тагови за кокаин, а меѓу локациите наводно е и тоалет во близина на Кабинетот на премиерот Борис Џонсон. Само пратениците, вработените и новинарите имаат пристап до локациите каде што е пронајден наркотикот.

Кокаин бил пронајден и во тоалет лоциран во близина на канцеларијата на министерката за внатрешни работи Прити Пател.

„Сандеј Тајмс“ наведува дека во парламентот биле пронајдени траги од употреба на марихуана. Од таму додаваат и дека во британскиот парламент постои култура на конзумирање кокаин и дека во него „уживаат“ сите од познати пратеници до млади вработени, од двете страни на политичкиот спектар – ториевците и лабуристите.

Премиерот Џонсон уште во 2008 година призна дека како тинејџер конзумирал кокаин и пушел марихуана.

„Јас сум целосно против употреба на дрога. Не сакам моите деца да го пробуваат тоа“, нагласи тој.

Кога станува збор за новата афера, Џонсон изјави дека е решен да се бори против злоупотребата на дрога во институциите.

Линдзи Хојл, претседател на собранието изјавила дека ќе контактира со полицијата откако „Сандеј тајмс“ објави дека во зградата на парламентот се појавила дрога.

Тој додаде дека наводите за употреба на дрога во оваа установа се длабоко загрижувачки и дека ќе соработува со градската полиција за расчистување на случајот.

Во Британија поседувањето или дистрибуцијата на кокаин се казнува со долги затворски казни. Оние кои ќе бидат откриени дека ја поседуваат супстанцијата се соочуваат со затворска казна до седум години, а оние кои набавуваат или произведуваат дрога може да се соочат со доживотен затвор.

Според извештајот на Британската канцеларија за национална статистика за употреба на дрога, најмалку 873.000 луѓе во Англија и Велс на возраст меѓу 16 и 59 години пријавиле дека користеле кокаин во последната година. Кокаинот е втора најчесто користена дрога по канабисот, се вели во извештајот.

Слични содржини