НБА ѕвездата на Филаделфија, Џоел Ембиид, се судрил со новинарот на локалниот медиум „Philadelphia Inquirera“, Маркус Хејс, по поразот на домашен терен од Мемфис Гризлис со 124:107, прво вербално, а потоа центарот на „76-ките“ и физички го оттурнал новинарот, поради што НБА започна истрага за инцидентот.
Ембиид, кој поради повреда не игра на почетокот на новата сезона, не бил задоволен бидејќи Хејс во еден од своите текстови ги споменал синот и покојниот брат на играчот. Во истиот напис, Хејс исто така ги критикувал честите проблеми со повредите на Ембиид и го критикувал неговиот професионализам.
„Следниот пат кога ќе го спомeнеш мојот покоен брат или мојот син, ќе видиш што ќе ти направам и ќе можам да живеам со последиците“, рекол Ембиид, кој го отфрлил извинувањето на Хејс.
На изјавата на центарот на Филаделфија дека не му е грижа што ќе кажат медиумите, Хејс одговорил велејќи:
„Сепак, се грижиш!“
Тоа го натерало Ембиид да го оттурне новинарот и обезбедувањето и персоналот на клубот морале да реагираат и да ги раздвојат.
„Свесни сме за инцидентот во соблекувалната на Сиксерси и ќе започнеме истрага“, објави од НБА.
„Ние ја сфаќаме оваа ситуација сериозно и ја истражуваме и веќе стапивме во контакт со лигата“, рекол претседателот на кошаркарските операции на Сиксерси, Дерил Мори.
Откако во сезоната 2022/23 ја освои наградата за најкорисен играч во лигата, Ембиид минатата сезона одигра само 39 натпревари поради постојани проблеми со коленото, додека оваа сезона не се појави на првите пет натпревари на кои Филаделфија има сооднос победи и порази 1-4.