Скапата струја ризик за затворање на училиштата: Сè уште неизвесно дали второто полугодие ќе стартува онлајн

од Берта Китинска

Надлежните предупредуваат дека пред нас е најтешката криза по Втората светска војна. Во пресрет на зимата секојдневните апели кои ги испраќаат општините остануваат без одговор, па дел од нив веќе подготвуваат модели во кои или би се одело на онлајн настава во текот на најстудените месеци за да се заштеди на греење или пак со варијантата за кратење на летниот распуст и продолжување на зимскиот.

„Во време на криза не смее да се затвораат училиштата“

Потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов, во емисијата 24 Анализа на телевизија 24 истакна дека сега се наоѓаме во една општествена фаза, по сите кризи, здравствена, економска, енергетска во која не смее под прашање да се доведува затворањето на училиштата.

Јасно е дека е не смее да дојде до затварање на училиштата и речиси сум сигурен дека до тоа нема да дојде, порача Костадинов, додавајќи како градоначалник на Валандово дека во неговата општина благовремено се буџетирани ставките и најави дека ниту општината, ниту училиштата нема да имаат поголеми проблеми.

Тој додаде дека ова прашање зависи од дијалогот на централната и локалната власт, но пред се ќе зависи на локалните самоуправи и од квалитетното менаџирање и редефинирање на приоритетите.
Потребно е ставање на приоритетна листа на оние трошења што мора да ги направиме за да испорачаме клучни резултати во образованието, но и социјалната правда. Образованието ни е кревко, а од тоа ни зависи целиот иден развој како држава, но имаме социјално ранливи категории на кои мораме да им испорачаме помош и социјална правда, рече потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов.
Костадинов најави дека наскоро се очекува одговор од Владата на барањата на ЗЕЛС со цел сет мерки.

Но не смееме единствено да дискутираме дневно политички, да се блокира Собранието, мора се да тече брзо порача Костадинов.

Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава?

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски вели настава со физичко присуство е единствена форма на одржување настава која ќе создаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование.

– Покрај ова секојдневно бевме сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа оддржување на настава и со денови.Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување на онлајн настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава? И што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци? Понатаму, особено е тешко за учениците од пониските одделенија. Родителите на овие дечиња треба да го поминат поголемиот дел од времето помагајќи им на своите деца да се снајдат на платформите, работејќи на домашните задачи и објаснувајќи им го материјалот. Едноставно родителите ќе треба да ја заменат улогата на наставник во домашни услови. Но што со оние двајца родители кои имаат работни обврски? И тука можеме да заклучиме дека за многу ученици онлајн наставата ќе преставува само формалност, а не вистинска замена за наставата со физичко присуство, вели тој.

„Нема да дозволиме затворање на училиштата“

Наставата неопходно е да се одвива со физичко присуство, и покрај пречките од централната власт општината Аеродром ќе го обезбеди тоа. И покрај немањето слух на централната власт за проблемите со кои се соочува локалната самоуправа, а за што говорат и намалените дотации и трансфери во време на сериозна енергетска и економска криза, Општина Аеродром останува цврсто на ставот дека неопходно е учениците да останат во училишните клупи. Секоја одлука спротивна на ова негативно ќе се одрази на целиот образовен процес, се вели во соопштението од Општина Аеродром.
Општината ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес. Вклучително и преземање на целиот товар кој ќе преоизлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт биде наложено.

Потсетуваме дека општина Аеродром веќе презема сериозни мерки за штедење електрична енергија. Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади.

Учениците и непреченото одвивање на наставата со физичко присуство се наш врвен приоритет, а општината Аеродром останува цврсто посветена во обезбедувањето соодветни услови за настава и згрижување на најмладите, се вели во соопштението.

Најдете решение

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот Фејсбук-профил објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

-Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК.

Родителите против најавите за он-лајн настава

Родителите не можат да го издржат финансискиот притисок доколку наставата премине онлајн. Пандемијата покажала дека илјадници ученици не биле во можност за онлајн настава, па морале да се снаоѓаат со копии, а сето тоа се одразило на нивниот успех. Според нив не е решение ниту продолжен распуст, бараат соодветни услови за настава во училница.

Слични содржини