Следната недела ќе се имунизираат вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби и медиумите

Во текот на следната седмица ќе започне имунизацијата на вработените лица во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници.

Оттаму, со нив ќе се заокружи кругот на лица кои спаѓаат во приоритетната група, односно со оние чија работа се темели на постојан контакт со други лица.

За потсетување, изминатава недела во вакционалниот пункт во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, се имунизираа припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи, како и наставниците и негователите во градинките, а во меѓувреме се уште трае вакцинацијата на лицата над 77 години, кои се вакцинираат со „Астра Зенека“.

Инаку, премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека околу 300 илјади вакцини од различни производители се очекува месецов да пристигнат во земјата.

Понатаму, се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, како и втората пратка преку Ковакс-механизмот. За месецов, планирана е и испораката на 200 илјади кинески вакцини, како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози, додаде премиерот.

Слични содржини