Словачка: 200 eвра за лицата над 60 години што ќе примат прва доза, 300 евра за бустер

од Nikola Popovski

Словачка ќе обезбеди финансиски стимулации за лицата постари од 60 години кои ќе се вакцинираат против коронавирусот или ќе примат т.н. бустер доза, одлучи денеска парламентот, со што би се зголемила стапката на вакцинација која е пониска отколку во другите земји од Европската унија.

Парламентот ги одобри исплатите во четвртокот, давајќи зелено светло на предлогот на владата, која најпрво размислуваше да даде ваучери во вредност од 500 евра за хотели или ресторани.

Оние кои ќе примат бустер доза до средината на јануари ќе добијат 300 евра, додека групата над 60 години кои ќе се јават за првата доза ќе добијат 200 евра до истиот ден.

Како што јави Хрватската радио-телевизија, повикувајќи се на агенцијата Хина, Словачка не е првата земја која нуди стимулации за вакцинација.

Во август, Швајцарија им понуди на граѓаните кои ќе ги убедат своите пријатели да се вакцинираат за бесплатни оброци во ресторан или билети за кино.

Во април, американскиот град Хјустон одлучи да плати 100 долари на секое лице кое ќе ја прими првата доза од вакцината против Ковид-19.

Словачка, со население од 5,5 милиони луѓе, беше сериозно погодена од последниот бран на пандемијата, со болници полни со пациенти, поради што повторно ги воведе мерките за затворање.

Таа имаше втора највисока стапка на инфекција во светот во текот на изминатата недела, покажуваат податоците на „Our World in Data“.

Словачка заостанува многу зад другите земји од Европската унија во вакцинирањето на своето население, со вакцинирани 68 отсто од луѓето постари од 60 години, што е подобро само од Бугарија и Романија, а многу под просекот на ЕУ од 88 отсто.

Од вкупното словачко население, 46,5 отсто од луѓето се вакцинирани, додека просекот во ЕУ е 66,8 отсто, објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Фото: SITA

Слични содржини