Словачка нуди 500 евра за вакцинација на старите лица

од Nikola Popovski

Владата на Словачка денеска предложи план за на лицата постари од 60 години да им се додели ваучер од 500 евра доколку се вакцинираат против коронавирусот, соопшти министерот за финансии на таа земја, Игор Матовиќ.

Мерката, која ја најави министерот треба да ја зголеми стапката на вакцинација, која е меѓу најниските во ЕУ, наведува АП.

Во земја со 5,5 милиони жители досега целосно се вакцинирани само 46,1 отсто од граѓаните.

АП наведува дека владејачката коалиција во Словачка е поделена околу новиот план.

Партијата „Слобода и солидарност“ се спротивстави на овој предлог на владата и изјави дека е подготвена да го поддржи ваучерот во износ од 150 евра, пренесува Танјуг.

Се наведува дека предлог-законот сега ќе оди на гласање во парламентот, а за усвојување на овој план ќе биде потребна поддршка од опозицијата.

Овој ваучер во вредност од 500 евра може да се користи во ресторани, кафулиња, хотели или за купување билети за спорт, театар, кино, изложби или концерти.

Може да се користи и за плаќање на услугите на фризери или фитнес центри.

Матовиќ рече дека парите од државата ќе значат и „стотици милиони евра дополнителна помош за секторите најтешко погодени од пандемијата“ поради владините ограничувања.

Од Министерството за финансии проценуваат дека за оваа мерка за поддршка на граѓаните треба да се издвојат околу 500 милиони евра.

Словачка минатиот четврток влезе во двонеделна блокада, која важи низ целата земја бидејќи инфекциите со корона вирус достигнаа рекордни нивоа.

Слични содржини