Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска во Охрид

од Aleksandar Petrovski

Претседателот на Република Словенија Борут Пахор во рамки на дводневната официјална посета на Република Северна Македонија, денеска ќе престојува во Охрид.

Заедно со претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода – Охрид.

Претходно, двајцата претседатели ќе ги посетат црквата „Света Богородица Перивлепта“ и Галеријата на икони, Античкиот театар и црквата „Света Софија“.

Вчера во Скопје, на првиот ден од официјалната посета, претседателот Пахор беше пречекан со највисоки државни и воени почести од страна на претседателот Стево Пендаровски, по што двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, заедничка прес-конференција и положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

Словенечкиот претседател се обрати на седница во Собранието на Република Северна Македонија, а оствари и средби со претседателите на Собранието и на Владата, Талат Џафери и Зоран Заев.

Слични содржини