Словенија, Холандија и Португалија продолжуваат со употреба на „АстраЗенека“

од Берта Китинска

Холандскиот министер за здравство објави дека Холандија ќе продолжи да ја користи вакцината АстраЗенека против ковид 19 следната недела, сега откако Европската агенција за лекови (ЕМА) објави по проверката дека вакцината е безбедна.

Министерот Уго де Јонг на прес-конференција во четвртокот рече дека Холандија ќе продолжи со вакцинирање „со полна пареа“ и следната недела, пренесува Ројтерс. Португалија, исто така, ќе ја укине привремената суспензија за употреба на вакцината против ковид 19 „АстраЗенека“ во понеделник, соопшти денеска државното здравствено тело, откако ЕМА објави дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.

Оваа јужноевропска земја беше една од неколкуте земји што ја прекинаа употребата на вакцини претходно оваа недела по извештаите за нарушувања на крвта кај оние кои ја примиле вакцината. Португалија, која се надева дека ќе вакцинира 70 проценти од 10 милиони жители до крајот на летото, досега вакцинираше 173 000 луѓе со првата доза на вакцината АстраЗенека, вклучувајќи го и премиерот Антонио Коста.

Словенија од денеска продолжува со употреба на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, откако Европскиот регулатор за лекови објави дека здравствените придобивки ги надминуваат ризиците, изјави министерот за здравство Јанез Поклокар.

Словенија во понеделникот ја прекина имунизацијата со вакцини на „АстраЗенека“. Извештаите за ретки случаи на згрутчување на крвта поттикнаа повеќе од десет земји привремено да ја запрат вакцинацијата.

Неофицијално, Шпанија продолжува да ја користи АстраЗенека

Шпанија ќе продолжи да ја користи вакцината против Ковид 19, развиена од АстраЗенека од следната недела, објави шпанскиот весник Ел Паис, повикувајќи се на неименувани извори кои присуствувале на состанок на владини претставници со регионалните лидери. Шпанското Министерство за здравство одби да ги коментира овие тврдења, пренесува Ројтерс. Шпанија и десетина други земји ја прекинаа употребата на оваа вакцина на почетокот на оваа недела откако беа пријавени случаи на згрутчување на крвта по вакцинирањето. Европската агенција за лекови вчера објави дека е убедена дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.

Слични содржини