Словенија воведува нови мерки, ковид состојбата е катастрофална

од Берта Китинска

Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката влада денеска одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат на сила од понеделник, а не се исклучуваат и нови доколку продолжат досегашните негативни трендови.

„Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба со епидемијата досега“, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар.

Ако ситуацијата не се промени и ако бројот на хоспитализирани на интензивна нега поради Ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (во моментов 133), тоа би значело можно затворање на делови од општествениот живот, додаде тој.

Поклукар предупредува дека, со трендот на 3.000 или 4.000 нови инфекции дневно, тоа е последен момент да се „спречи колапс на здравствениот систем“.

Шефицата на владиниот експертски тим за Ковид-19, Матеја Логар, изјави дека е можно како последна мерка да се овозможи работа и слободно движење само за оние кои се вакцинирани против Ковид-19 или кои оздравеле и имаат имунитет, и воведување на онлајн часови или задолжително тестирање за сите ученици и студенти.

Слични содржини