Словенците изгласаа забрана за работа на продавниците во недела и за време на празници

од Aleksandar Petrovski

Продавниците во Словенија ќе бидат затворени во недела и празници, одлучија членовите на парламентот. Измените и дополнувањата на Законот за трговија, за чие усвојување 72 од 88 пратеници гласаа во Националното собрание во вторникот, со ретки исклучоци, забрануваат работа на продавници во недела и празници.

Продавниците со продажна површина до 200 квадратни метри на бензински пумпи, гранични премини, пристаништа, аеродроми, железнички и автобуски станици и болници се изземени од забраната, пренесува Индикатор.ба.

Исто така, во недела и државни празници ќе се отворат и преостанатите помали продавници со површина до 200 квадратни метри, доколку дејноста ја вршат трговски субјекти, односно нивни претставници, но и студенти и пензионери.

Прашањето дали продавниците треба да бидат затворени во недела и празници ја мачи јавноста во Словенија со децении. Со него се занимаваше Уставниот суд, а во септември 2003 година граѓаните беа прашани за тоа на референдум. Забраната за работа во недела тогаш беше поддржана од нешто повеќе од 57 проценти од гласачите кои излегоа на гласачките места.

Стопанската комора на Словенија се противи на амандманите донесени вчера, и најави можност за проценка на уставноста на законското решение.

Слични содржини