Случај „ТикТок анестезиолог“: „Дегутантно е да се зборува за партиски вработувања кога болниците веќе не личат на болници и нема кадар“

од Nikola Popovski

Продолжува сагата околу анестезиологот кој снимаше и објавуваше на ТикТок во живо, додека се шеташе низ гинеколошкото одделение на Тетовската клиничка болница. Иако во моментов се наоѓа во притвор и е отпуштен од работното место, Лекарската комора допрва треба да се огласи следната недела околу тоа дали и на колкав временски период ќе му биде одземена лиценцата на медицинското лице. Вчера меѓу другото се појави информација од министерот за здравство, Фатмир Меџити кој изјави дека до него стигнале непотврдени информации дека анестезиологот на работа доаѓал под дејство на наркотични средства, ама нема како тоа да го потврди зашто во болницата во Тетово немало формирано дисциплинска комисија до пред две недели.

Дел од медицинската фела гледа со неверување на ваквите случаи во здравството и силно го осудува ваквото однесување на нивните колеги. Според претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилјана Чолакова-Дервишовa, во минатото во болниците секаде постоеше дисциплинска комисија.

Д-р Лидија Чолакова Дервишова

-Тоа се органи кои што си ги креира здравствената институција и такви треба да има и најстрого треба да бидат санкционирани стие кои што остапуваат од нормалното. Се знае како треба да се однесува еден здравствен работник во однос на етиката и кодексот на однесување. Односот кон пациентите, кон работното место, така да овде имаме кршење на неколку моменти, вели Чолакова-Дервишова за „Локално“.

За тоа како да се спречат партиите да влијаат во изборот на тоа кој не лечи, докторката вели дека е дегутантно да се зборува за такво нешто кога болниците веќе не личат на болници и нема кадар.

-Мислам дека со таков начин треба да се престане бидејќи огромен број на здравствен кадар се одли од државата и одат на места каде што не ги прашуваат дали се лево или десно ориентирани, каде што бараат дали сакате да работите како доктор и дали сакате својот живот да го посветите на Хипократовата заклетва, каде што ви овозможуваат апарати што функционираат, каде што напредувате и учите нови методи и технологии. Не се заминава народот и професионалците со политика 365 дена во годината, порачува Чолакова-Дервишова и истакнува дека треба да се запре со пријателските релации.

-Порано секој кажуваше кој каков афинитет сака да има, некој сакаше да биде хирург и стануваше хирург, а не секој го бива за хирург и не секој го бива за очен офтамолог. Мислам дека е крајно време сите да се свестат дека ако сакаме да го лекуваме народот, треба да видиме кој е најдобар во кое поле за народот, објаснува докторката.

На прашањето дали кривично треба да одговараат тие што му ја нострифицирале дипломата на анестезиологот, соговорничката порачува дека за тоа има истражни органи во државата, за кои смета дека професионално ќе си ја завршат работата.

-Ние имавме состанок и како Лекарска комора и како фела каде што треба поголемо внимание и контрола на кого се му се нострифицира диплома. Тука Комисијата заседавала неколку пати, го враќале неколку пати поради недостаток на документи. Во ниту една држава не можете да добиете, еве да отидете во Германија и да ви дадат работно место без документи. Секоја држава си ги штити интересите и мора да воведе појака контрола, за да се види дали тие документи кои се внесуваат во Коморите, се веродостојни или се купени, децидна е Чолакова-Дервишова.

Докторката жали што 30 години нашето јавно здравство поминува низ турбулентни времиња.

-Јас 30 години сум во структурите на Лекарската комора. Сум гледала многу моменти, имало состојби каде што е одземена лиценца на гинеколог, а немало анестезиолог, каде што болницата не му овозможила. Како гинеколот ќе влезе да оперира, без анестезиолог. Се ставаат партиски кадри – не секој има способност за добро менаџирање. Не знаете која операција какви компликации ќе направи. Сум сведок на моменти кога се вршело една интервенција, па се случила грешка и не мора да значи дека е од докторот. Има органи и судии и институции и они треба да одлучат околу лиценците, децидна е Чолакова-Дервишова.

д-р Владимир Рендевски

Со свој став излезе и поранешниот министер за здравство, д-р Владимир Рендевски. Тој во изјава за „Локално“ порача дека го осудува ваквото однесување на анестезиологот.

-Вработувањата во здравството и системот немаат поврзаност. Во секој случај ова однесување на било кој не е етичко и си има Суд на честа и Етичка комисија која моментално си постапува, истакна Рендевски.

Докторот нагласува дека не е член на Комората и во моментов не може да зборува од поинакво својство освен како медицинско лице.

-Таков чин секој го осудува како здраствен работник. Нормално такво однесување не е добро. Системски секој прекршок мора да се докаже и си има процедура и треба да биде санкциониран. Од никого тоа не е добро, ни рече Рендевски.

Н.П.

Слични содржини