Смена на Трамп би била опасен преседан, смета неговиот правен тим

од Vladimir Zorba

Правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја започна својата одбрана на судењето за отповикување во Сенатот, тврдејќи дека заложбите на демократите да го отстранат Трамп од функцијата ќе претставува „многу опасен преседан“ во изборната година и посочи дека „претседателот не сторил апсолутно ништо погрешно“ .

Правниот советник на Белата куќа, Пет Сиполоне, кој го предводи правниот тим на Трамп, на почетокот на изнесувањето на аргументите на одбраната им рече на сенаторите дека ќе им го одземат на гласачите правото да се изјаснат за Трамп на претседателските избори на 3 ноември, доколку тие сега го прогласат за виновен и го отповикаат од функцијата.

– Од вас бараат да направите нешто што ќе има големи последици и што, би рекол, е многу, многу опасно, рече Сиполоне.

Тој, исто така, ги обвини демократите дека сакаат да извршат „најмасовно мешање во изборите“ во американската историја, на помалку од десет месеци пред претседателските избори, оценувајќи дека тоа би било „кршење на Уставот, историјата и обврските кон иднината“.

– Тие бараат од вас не само да ги поништите резултатите од последните избори, туку, како што реков претходно, да го отстраните претседателот Трамп од изборите што се одржуваат за околу девет месеци. Тие бараат од вас да ги искинете гласачките ливчиња во целата земја, истакна Сиполоне.

Демократите, изнесувајќи ги своите аргументи во претходните денови, тврдат дека претседателот ја злоупотребил својата позиција и треба да биде сменет од функцијата затоа што вршел притисок врз Украина да почне истрага против поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден и претедент за кандидат за претседател на демократите. и неговиот син Хантер, а потоа се обидел тоа да го прикрие. Тие обвинуваат и дека Трамп ја опструирал истрагата на Конгресот.

Слични содржини