Сметката не е блокирана, реагираат од Град Скопје

од Vladimir Zorba

Сметката на Градот Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата, информираа денеска од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

– За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов. Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Р.Македонија отплаќаат долгови кои ги генерира секоја владејачка гарнитура, полнејќи ги сопствените приватни џебови со пари кој денес ги враќаат граѓаните, стои во соопштението од Град Скопје.

Градот Скопје, се посочува, во последната година дена успеа да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите.

Слични содржини