Сметките за струја ќе се зголемат за 50 денари на секои 1.000 денари, ако РКЕ ги прифати барањата на енергетските компании

од Берта Китинска

Ако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ)  ги прифати барањата на енергетските компании сметките за струја ќе се зголемат за 50 денари на секои 1.000 денари.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека  Регулаторната комисија може да влијае само на 38 отсто, но не и на останатите 62 процента од сметката што ја плаќаат граѓаните и малите фирми до 50 вработени или со до два милиони евра годишен приход, кои имаат право да останат на регулираниот пазар.

Сепак колкаво ќе биде конечното зголемување на сметката ќе зависи од цената што ќе ја постигне Универзалниот снабдувач ЕВН хоум на тендерот за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар што треба да го објави во јуни.

-МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто,  Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија побарал зголемување за 45 отсто, а Електродистрибуција зголемување за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на електрична енергија. ЕВН хоум до РКЕ доставила само барање за маржа но, како што рече, не може да излезе со цена бидејќи во јуни треба да го објави јавниот тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар до крајот на годинава. На овој тендер ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребните, а останатите ЕВН хоум да ги набави на слободниот пазар. Доколку цената што ќе ја понуди ЕСМ биде повисока ЕВН хоум може сите потреби да ги задоволи на слободниот пазар.Од следната недела ќе правиме анализа на доставените барања. Доставиле трошоци за материјали, енергија, бруто-плати, вонредни трошоци, амортизација, профит, трошок за набавка на загуби на електрична енергија во преносната и дистрибутивната мрежа и за пренесени трошоци за законски обврски на кои не може да влијае претпријатието. Во наредниот период ќе видиме што признаваме, а што не, рече Бислимоски.

Слични содржини