Со барање на листинзи од мобилните на службените лица ќе се расчистува бегството на затвореникот од „Идризово“

од Nikola Popovski

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје во текот на ноќва и утринава издаде повеќе наредби и насоки со цел расчистување на настанот во кој при бегство на осудено лице од КПУ „Идризово“ – Скопје беше повреден еден припадник на затворската полиција.

-По осуденото лице се трага под сомнение дека сторило кривично дело – обид за убиство на службено лице. Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека останатите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица. Дополнително уште неколку лица се повикани да дадат свој исказ во полициска станица за целосно испитување на настанот.

Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури  дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело – противзаконито ослободување на лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ „Идризово“ – Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица. Од Управата за извршување санкции е побарано да изврши вонреден надзор врз почитувањето на затворските процедури.

За настанот е известен јавен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираа од Основното јавно обвинителство.

Управата за извршување на санкции (УИС) најави направи вонреден надзор во КПУ Идризово после синоќешното бегство на затвореникот Беким Мемети и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница.

Според полицијата, затвореникот бил однесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде му се укажувала медицинска помош.

-На 12.01.2023 г. во 23,20 ч. четворица вработени во Затворска полиција кои биле со комбе „форд транзит“ на Затворската полиција побарале помош од полициски службеници на СВР Скопје, откако, според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М. , од КПУ Идризово кон Ургентен центар „Мајка Тереза“, на автопатот, осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х. (вработен во Затворска полиција), пукал и го ранил И.Х.. Потоа осуденикот избегал со патничко возило „ауди“. Повредениот вработен во Затворската полиција е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираа денеска од МВР.

Слични содржини