Со колкава казна ќе се соочи Мијалков, не очекува ли ново фијаско на правосудниот систем?

Во Кривичниот суд за денес е закажано рочиштето за „Таргет-тврдина“ во кое обвинетите, меѓу кои и Сашо Мијалков ќе ја слушнат пресудата за предметот.

Имено, овој предмет се води против поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК, за кои е издадена меѓународна потерница, како и Надица Николиќ и други лица, како и гореспоменатиот Мијалков.

Во рамки на завршните зборови, обвинителството побара максимални казни во овој предмет за сторители, по што имавме дводневна „театарска драма“.

На Сашо Мијалков за кој обвинителството во саботата побара домашен притвор, неколку часа успеа да биде пред институциите и според некои се даде во бегство, или ако му се верува на зборовите се самоизолираше поради сомнеж дека има Ковид 19, поради што му се изгуби трагата.

Изминативе денови, во јавноста можевме да слушнеме разни мненија и колку се релевантни зборовите и одлуките подоцна на инситуциите, поради што се отворија низа сомненија и прашања.

Дел од нив се врзани за тоа дали Мијалков можеше да избега со друга патна исправа и покрај тоа што македонската патна исправа од почетокот на рочиштата му беше одземена? Зошто Министерството за внатрешни работи објави меѓународна потерница, а до последен миг тврдеше дека тој не ја напуштил земјата, но и тоа како Мијалков можел сам да одлучи каде ќе го подигне веќе изготвеното решение за домашен притвор.

Милион небулози, наспроти милион аргументи.

Во моментов сепак, јавноста е насочена кон пресудата и она што за некој момент не очекува во Кривичниот суд. Дали тоа ќе покаже големина и правичност на правосудниот систем или јавноста ќе биде сведок на уште едно фијаско на правосудните органи?

Слични содржини