Со личен пример против ковид-19: Кој од македонските политичари ќе се вакцинира прв?

од Берта Китинска

Граѓаните на Северна Македонија веќе на почетокот на идната година можат да се надеваат на вакцина против смртоносниот Ковид-19.

Штом биде достапна вакцината во земјата, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и политичарите.

Откако беше најавена вкацината против ковид 19 државниот врв и политичките лидери се изјаснија дека би учествувале во примање на вакцината за да дадат свој пример пред граѓаните за издигање на јавната свест.

Заев ќе се вакцинира за да дадам личен пример

Ќе се вакцинирам со вакцините кои ќе ги набави државата преку Ковакс системот за да дадам личен пример во напорите за сузбивање на ковид 19, изјави премиерот Зоран Заев.

„Нашата држава го следи секој чекор на развој од сите клинички испитувања за вакцините. Верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето. Ѓраѓаните треба да бидат спокојни бидејќи државата нема да штеди за оваа намена, ние веќе го уплативме авансот за набавка на 833 илјади вакцини“, изјави Заев.

Филипче ќе се вакцинира за да покажам и да докажам дека треба да се вакцинираат луѓето

Министерото за здравство  Венко Филипче упати апел до граѓаните дека станува збор за безбедна вакцина, а со вакцинацијата ќе се подигне имунитетот на населението насекаде во светот и животот ќе се врати во нормала.

-Aпсолутно да, ќе се вакцинирам. Да покажам и да докажам дека треба да се вакцинираат луѓето. Вакцините се сигурни ние го пратевме нивниот процес на развој и сите фази од клиничките студии. Тоа ќе биде тоа што ќе ја смени сликата во светот, изјави министерот Филипче.

Пендаровски би сакал  прв да ја прими вакцината

Претседателот Стево Пендаровски рече дека би сакал тој прв да ја прими вакцината против Ковид-19, со цел да се крене свеста кај граѓаните.

-Јас би сакал да бидам прв што ќе ја прими вакцината кај нас. Не затоа што сакам прв да се заштитам, бидејќи кај мене се влегува со строги протоколи, туку само за да ја кренеме свеста. Бидејќи видов процент дека мал дел од граѓаните се спремни да ја примат вакцината. Ако е тоа возмонжно, па и да се направи некој спот. Станува збор не само за мене, туку и за моето семејство, рече Пендаровски.

Спасовски: Ќе се вакцинирам, иако имам антитела како прележан од Ковид-19

Оливер Спасовски, министерот за внатрешни рбаоти, рече дека ќе се вакцинира против Ковид-19 и покрај тоа што ја има прележано болеста, откако долго време мина во болница.

– Јас апсолуно ќе се вакцинирам иако имам антитела, но да видиме какви ќе бидат протоколите и кога ќе можам да го направам тоа, рече Спасовски во емисијата „Студио 10“ претпладнето на ТВ24.

Џафери: Немам дилема, ќе се вакцинирам

Немам дилема околу тоа дали ќе се вакцинирам против коронавирусот, истакна вечерва претседателот на Собранието, Талат Џафери во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Вели дека ќе се вакцинира бидејќи смета оти е добра порака до граѓаните, особено што научниците дадоа позитивни препораки засновани на темелна проценка на безбедноста, но и дека вакцината добила поддршка од сите земји-членки на Европската унија.

Од Владата тврдат дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за речиси 400.000 граѓани, преку Ковакс-механизмот. Две недели по вакцинацијата, граѓаните ќе треба да примат уште една доза за ревакцинација.

Србија ја  започна вакцинацијата

Српската премиерка Ана Брнабиќ, министерката Дарија Кисиќ Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон вчера ја примија вакцината Фајзер против коронавирус.  Вакцината, се базира на нова технологија која досега не била користена во светот.

 

 

Слични содржини