Со помош на Светска банка ќе се модернизираат земјоделството и административните услуги на социјалното осигурување

од Vladimir Zorba

Проект за модернизација на земјоделството вреден 50 милиони евра и проект за администрирање на социјалното осигурување проектиран на 13,8 милиони евра, ќе се реализираат во рамки на четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези пред Собранието ги образложи законите со чие усвојување се овозможува финансирање на овие проекти.

-Проектот за модернизација на земјоделството ќе придонесе за подобрување на квалитетот на земјоделските производи и воведување стандарди во земјоделското производство, со што ќе се зголеми вредноста и конкурентноста на земјоделските производи на меѓународните пазари, ќе се воспостави систем за безбедно отстранување нуспроизводи од животинско потекло, ќе се зајакнат институционалните капацитети, во насока на планирање врз основа на докази, мониторинг и евалуација на програмите за земјоделство и рурален развој, потоа ќе се зајакнат институционалните капацитети за подобро искористување на Европските фондови и ќе се воспостави систем за управување со државното земјоделско земјиште, истакна Елези.

Проектот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ќе воспостави и одржува Единица за имплементација на проектот (ЕИП), одговорна за реализација на проектот.

Вкупниот износ на проектот е 50 милиони евра, од кои 46 милиони евра се заем од Светска банка, а четири милиони се грант од ЕУ.

-Проектот за администрирање на социјалното осигурување ќе го унапреди квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и тоа преку воспоставување единствен централизиран регистар за социјално осигурување и унапредување и модернизирање на деловните процеси на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, со цел на осигурениците во првиот столб да им служи поефикасно и поефективно, потенцира Елези, образложувајќи го Законот за задолжување на РСМ со заем кај СБ по Договор за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување.

Проектот ќе го имплементира Министерството за труд и социјална политика.

Слични содржини