„Со вакцините сме чекор поблиску до крајот на пандемијата“: Mакедонија ја почна имунизацијата

од Берта Китинска

Вакцинацијата е надеж за човештвото. Сите вакцини се безбедни и со нив, секој ден сме чекор поблиску до крајот на пандемијата. Да се вакцинираме, да се заштитиме и повторно да живееме нормално, изјави денска министерот за здравство Венко Филипче откако почна имунизацијата во модуларната болница .

Денеска и официјално статуваше процесот на имунизација а до крајот на денот се очекува да бидат вакцинирани 260 здравствени работници меѓу кои е и комплетниот персонал на Инфективната клиника.

„Ја примив вакцината и се чувствувам одлично. Аплицирањето на вакцината е безболно. Порачувам секој да прими вакцина, по сопствен избор секако. Но тоа е единствениот начин да се заштитиме од инфекцијата со која се соочуваме цела година, со која целиот свет се бори, па и ние сосем добро. Втората доза ја примам за 21 ден. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние кои нема да го сторат тоа“, изјави примариус д-р Наунова Јовановска – специјалист за неуроинфекции од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Филипче најави дека нова пратка од 4.000 вакцини од производителот „Фајзер“ ќе пристигне идната недела со што ќе бидат опфатени сите четири илјади здравствени работници пријавени за првиот бран.

Имунизацијата треба да стане помасовна откако, како што е најавено, овој месец ќе пристигнат и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 97.803, бројката на оздравени пациенти е 88.469, на починати е 3.010, а бројот на активни случаи изнесува 6.324.

 

Слични содржини