Собранието ја усвои Резолуцијата за „црвените линии“ со Бугарија

од Nikola Popovski

Собранието вчера со 95 гласови „за”, а еден беше воздржан, ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Александар Николоски рече дека Северна Македонија конечно има државен документ кој ги дефинира границите за преговори за добрососедство со Бугарија и го спречува преговарачкиот тим на премиерот Зоран Заев да преговара за македонскиот јазик и идентитет.

-Македонскиот јазик е независен и различен од другите. Македонскиот народ има култура и историја со која може да се гордее и ние нема да дозволиме никој да го оспори тоа, напиша Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави Резолуцијата со која јасно се оцртуваат националните и државните позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет.

– Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата. Таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група, истакна претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција.

Во исто време, премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.

Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по Регионалниот економски форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан”, Заев вчера укажа дека и Бугарија е добредојдена да се приклучи на оваа иницијатива, иако е членка на ЕУ.

Слични содржини