Собранието трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

од Vladimir Zorba

Собранието и денеска ја продолжи расправата за рабалансот на Буџетот за 2020 година. Намалувањето на капиталните инвестиции со ребаланост е со единствена цел да се овозможи да се исплатат средства за оние на кои им се најпотребни за да се справат со последиците од корона – кризата, порачаа пратениците од владејачките партии, а за опозицијата носењето на вториот ребаланс годинава се должи на непрактичното работење на власта. Расправата ќе продлжи по редовната попладневна пауза.

Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор порача дека нашата држава не е „банана“ како што велат некои, туку „пендрек“ држава, бидејќи, како што кажа, во моментов нашата економија зависи од полицајците и колку тие го полнат Буџетот преку казните за неносење заштитни маски.

– Не врувам дека средствата што се планираат со ребалансот ќе стигнат таму каде што треба да стигнат. За една година ја задолживте државата за скоро една милијарда евра и речиси нема никаков ефект од тоа, рече Здравковски.

Жаклина Лазаревска од СДСМ посочи дека граѓаните во вториот рабаланс на Буџетот препознаваат добра можност да се пребродат последиците од коронавирусот.

-Доколку не се преземеа трите пакети мерки за економска помош на граѓаните и стопанството падот на економијата веројатно ќе беше уште поголем. Според реализацијата трошењето во Буџетот по првиот ребаланс во мај одеше според планот, но се појави потреба од носење на четврт пакет економски мерки во вредност од 470 милиони евра за оние на кои поддршката им е најнеопходна и потребна. Токму затоа, сега се носи вториот ребаланс, рече Лазаревска.

Атнан Незири од Алијанса за Албанците порача дека Буџетот за 2020 година е правен во 2019 година кога немаше корона – криза и додаде дека е социјален и за обезбедување мир, како и стие претходни буџети во државава.

-Во догледно време тоа ќе ни предизвика проблеми заради тоа што ќе имаме висок буџетски дефицит. Ако државата не ги реализира капитални инвестиции и капиталните расходи и со тоа на се развива сите ќе чекаат да им помогне преку субвенции, а со тоа само расте дефицитот и ќе одиме во банкрот. Затоа предлагам да има подобри подготовки на Буџет и да се прави баланс меѓу социјалните трансфери и капиталните расходи, рече Незири и додаде дека и со новиот ребаланс повторно се зголемуваат социјалните трансфери, а нема кратење кај јавните услуги.

Според него, секое доцнење со мерките остава можност да бидат неуспешни.

Слични содржини